Александра Добреска живее 15 години на Миконос: „Сопругот е Грк кој го запознав овде, пливаме преку цела зима, но нема болница, ниту тротоари“
5 работи кои секој треба да ги види и доживее на Миконос?
Хммм само 5?
Ќе пробам да ги одвојам најоргиналните и најавтентичните.
1. Хора - главното гратче на Миконос.
Мислам дека не постои место во Грција со пооригинално гратче. Направено е како лавиринт, бидејќи така ги заробувале пиратите кои доаѓале да крадат.
Сега, тие улички се полни со раскошни и луксузни бутици, продавници, барови и ресторани.
2. Скорпиос, мислам дека нема на кој не му е познат овој клуб на плажа.
Кога првпат отидов на Миконос, местото каде што сега е Скорпиос беше рушевина од камења. Седевме на Паранга и си мислевме што ќе стане од тоа место и стана еден од најдобрите ресторан клубови во светот.
3. Плажата Фокос е спротивно од сè што се случува на островот.
Како да си отишол на дивиот запад. Се оди по земјен пат и се стигнува во рајот.
На плажата има само една таверна во која патем работи и мојот сопруг. Нема лежалки, нема музика, само музиката на ветрот и приборот за јадење.
4. Агиос Состис, уште една плажа, овој пат поголема и песочна.
И тука има само една таверна која препорачувам да се посети доколку некој оди на Миконос. Таверната е без резервации, треба да чекаш додека да ти дојде редот.
И нема преку ред без разлика дали си Рокфелер или обичен смртник. Сите си чекаат да им дојде ред.
5. Капари, мојата омилена плажа за залез на сонцето.
Иако во последно време нема каде да се стави пешкир, мене ќе ми остане едно од омилените места.
Работите како фотограф на вили и хотели, раскажете ни нешто повеќе за вашата професија: дали е напорно, дали се заработува доволно?
Како фотограф почнав да работам од 2022. Претходно имав голема желба и лани решив да си ја исполнам.
Бидејќи периодот во кој почнав бев бремена, а фотографирањето бара флексибилност да клекнеш, да се искривиш, да легнеш, ми беше доста напорно.
Од друга страна, оваа година фотографирам и обработувам заедно со мојата помала керќичка. Доаѓа со мене на сет и ја чува кој стигне. Се шегувам, нормално.
Во главно секоја работа е напорна без разлика дали е физичка или ментална.
Како фотограф се заработува добро доколку се покажеш добро. Ако те научат дека си добар нема да кренеш глава од работа, а тоа ќе биде добро платено.
Колку време ви беше потребно за да го научите грчкиот јазик?
Грчкиот јазик го научив релативно брзо. Првите две лета не знаев скоро ништо, дури не се ни трудев да научам затоа што ми звучеше тешко.
Но, зимата во 2009 се запишав на забрзан курс 6 месеци и кога отидов наредното лето како да ми се одврза јазикот. Почнав да зборувам и да го збогатувам вокабуларот.
Грците не можат да забележат од каде сум кога им зборувам, тие што не ме познаваат и најчесто мислат дека сум од Крит по акцентот.
Поголемата ќерка ги зборува и двата јазика одлично. Автоматски се префрла од еден на друг јазик.
Секако, прави и грешки и ги меша јазиците. На пример знае да каже „Мамо дај ми го куталито“, а сакала да каже „Мамо дај ми ја лажицата“.
Доаѓате ли често во Македонија – што ви недостасува најмногу?
Во Македонија доаѓам двапати годишно. Зимно време седам два месеци, а летно време доаѓам на две-три недели.
Ми недостасуваат луѓето и нивната енергија. Ми недостасува домот и топлината. Ми недостасува Скопје и велосипедот.
Кои се вашите омилени навики и традиции на Грците?
Грците се многу слични на нас, па така и нивната традиција е слична на нашата.
Многу ми се допаѓа грчкиот Велигден, скоро цела недела имаат подготовки и различни адети за да го дочекаат Велигден. Ми се допаѓа тоа што секогаш има многу разновидна храна.
Имаат прекрасни честитки и благослови за сѐ нешто. Ми се допаѓа што се држат до семејството, ги почитуваат постарите членови и мајката ја сметаат за светица.
Ми се допаѓа и начинот на кој ги одгледуваат децата. Секако не е секое семејство исто, меѓутоа воспитувањето е во една посмирена атмосфера, иако сѐ ни звучи како карање, сепак не е баш така како што изгледа.
Кој е најубавиот период да се посети Миконос? Има ли начин да се помине евтино на островот?
Мене ми е најубаво од март до мај, бидејќи само тогаш островот има боја.
Не би го препорачала тој период за туристи кои не се навикнати на ладното море.
Од јуни до средина на јули и втората половина на септември би рекла дека е добро да се посети. Времето е убаво, сите ресторани и барови се отворени и почнати се забавите. Сообраќајот не е толку густ и лесно се стигнува од едно до друго место.
Има начин да се помине евтино, да отидете на Икариа. Се шегувам!
Секако, постојат места кои имаат понормални цени. Само нив треба да ги бараш за да ги најдеш, бидејќи не се толку познати. Доколку си отиден за да се сликаш за да покажеш на Инстаграм каде си, ќе си платиш.