Вирџинија Ристеска: „Јордан е најбезбедната арапска земја, а во изгубениот град Петра губиш чувство за време и простор“
Колку километри помина дента во Петра и што сè успеа да посетиш пред зајдисонцето?
Петра е огромно пространство каде губиш чувство за време и простор, па немам друг избор освен да верувам на изброените чекори на часовникот кој вика дека сум поминала 21km.
По пешачењето низ кањонот наречен Siq и величенственото завршување на истиот пред Treasury, поглед, која е прва слика што му паѓа на памет на секој што чул за Петра, продолжив по официјалната патека каде ги видов театарот, кралските гробишта, улиците со фасади и столбови, големиот храм...
За најубавите работи обично секогаш мора малку повеќе да се помачиме, па и покрај уморот, решив да продолжам по 850 скали низ самата планина до Манастирот, глетка што би ја издвоила како најспектакуларната глетка во Петра.
Сега сакаме да слушнеме нешто и за Вади Рам! По што е посебна оваа пустина и со какви активности ти беше исполнет денот?
Да одиш во Вади Рам и да не одиш со џип низ пустината е како да не си бил во Вади Рам. Пустината е голема и треба водич за истата, а кој подобро ја знае отколку бедуините кои во неа живеат.
Турите со џип нудат можност да се видат најспектакуларните пејзажи. И додека водичот те вози од место до место низ пустината и ти раскажува за истата, ти остава доволно слободно време да се искачиш на карпата или на песочните дини.
Скоро до секоја популарна карпа има бедуински шатор каде се паузира и се пие бедуински чај.
Вади Рам е уште еден доказ дека природата е најголемиот архитект. Турата заврши во бедуинскиот камп кој го имав букирано и ги надмаши моите очекувања.
Денот заврши со традиционална бедуинска вечера - месо, компир и зеленчук печени под земја, чај, наргиле и приказни околу бедуински оган со бедуините и сите луѓе кои се таа вечер во кампот, под постела од ѕвездено небо каде додека не излезе месечината, се гледаше и млечниот пат.
Какви се ноќите во пустина Вади Рам?
Магични. Под небото испрскано со милиони ѕвезди и соѕвездија и помеѓу незабележителното движењето на песокот во ноќите без ветар, во мртвата тишина што ги пара ушите и те остава еден на еден со гласот во сопствената глава, навраќајќи те на суштината на твоето постоење, се крие скоро нечуен шепот - приказните на бедуините што поминале милионипати низ местото на кое што баш ти седиш.
Ноќта во пустина е незаборавно искуство и меѓу едно од најубавите кои сум ги имала во животот.
Добро познато е дека арапската кујна е многу вкусна. Што најмногу уживаше да јадеш, а што никогаш не ги пробала повторно?
Храната во Јордан е иста како во другите земји на Блискиот Исток. Хумус и фалафел и шварма е нешто што се нуди на секој чекор и храна во која искрено уживав, а нештото што никогаш повторно не би го пробала, не ни знам како се вика.
Се работи за некој кисел намаз со оцет, маслиново масло и некои тревки.
Се разбираше ли со локалците без да го познаваш арапскиот јазик?
Јордан е модерна земја и сите зборуваат англиски, без разлика на возраста. Иако, таксистот што нè носеше до Мртво Море реши да ме научи арапски и ме испрашуваше цел пат.
Никогаш не сум рекла не на нов јазик, посебно не на некој што го зборуваат сите луѓе во арапските земјите во кои сум заљубена, па основни фрази добро ми дојдоа.
Какви се цените за туристи?
Зависи за што. Многу одат со идеја дека Јордан е една од многуте евтини арапски земји. Не е. И не е земја каде што од старт ќе ти дадат апсурдна цена што со ценкање треба да ја доведеш до прифатлив износ. Иако се ценкаат, првичната цена е нешто повисока од реалната.
Јорданската валута, јорданскиот динар е појак и од еврото и од доларот, што го прави стандардот на земјата е повисок.
Туристите добиваат различни цени за превозот, сувенирите и секое туристичко место има една цена за локалци, а друга за туристи што на доста места по светот е пракса.
Што се однесува до храна, скоро сите ресторани имаат мени каде цените се исти и за локалци и за туристи. И иако се наоѓаат места каде што хумус и фалафел се јаде за џабе, цените генерално им се европски: кафе од 3-5€, пиво од 5-7€, традиционално јадење 10-15€ итн.
Со какви сувенири се врати во Македонија?
Магнет за на фрижидер е нешто што секогаш и од секаде купувам. Меѓутоа не одолеав и на еден преубав рачно везен традиционален јордански фустан.
Како за крај, што ги би советувала луѓето што сакаат да га посетат Јордан?
Да заборават што слушаат на вести за Блискиот Исток и неговите опасности и да одат да го видат и искусат со свој очи.
Јордан не само што е најбезбедната арапска земја иако се наоѓа во ова конфликтно подрачје, туку и земја со најгостопримливите луѓе на планетава чија историја и природа нема никого да остави рамнодушен.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело