Ива од Битола: „Како подарок за годишнина од брак решив мојот сопруг да го однесам на патување на Санторини“
- Детали
- четврток, 10 ноември 2022
„Санторини за мене е еден од најубавите острови во светот, но мора да ги споменам и маните. Во Oia имаше претеран метеж и низ тесните улички не можеше ни да се разминеме, на фреквентните фотогенични ќошиња за сликање чекавме дури по 30 минути ред, но вредеше секоја минута. Не ни сакам да помислам што се случува овде во јули...“, споделува Ива Крстевска Бакулев за есенското романтично патување со сопругот.
Ива Крстевска Бакулев, магистер на правни науки, моментално судија – поротник при Апелациски суд Битола, одлучи да му приреди изненадување на сопругот и за годишнина од брак да организира романтично патување на Санторини.
Таа за CRNOBELO.com споделува како се одлучила на овој потег и ни открива впечатоци од патувањето:
„Како подарок за годишнината од брак одлучив мојот сопруг да го однесам на патувањето кое одамна на двајцата ни беше на bucket листата.
За патувањето да биде уште поинтересно со нас беа и моите родители кои славеа 30 години брак.
Картите ги имав резервирано уште од август месец преку авионската компанија „Volotea“, каде има ниски цени за летови доколку резервирате неколку месеци порано и цените почнуваат од 19 евра од правец со тргнување од Солун до главниот град Фира, лет кој трае 40/50 минути.
Одлучивме да одиме во есен поради избегнување на високите температури и број еден факторот во Санторини којшто е предоминантен во шпиц месеците, а тоа е преголемите гужви и хаотичната атмосфера.
Но, како и јас и другите се надевале на истото, па метежот не нè заобиколи особено во Oia – живописното село на белите цркви со сини куполи и прекрасното зајдисонце, кое е едно од најубавите места во светот за мене.
Толку е магично и нереално што не можат тие глетки да се доловат преку видео записи. Гледањето како заоѓа сонцето во бескрајното синило со такви силни бои и сите тие хипнотизирани луѓе на кои отсјајот од сонцето им ги осветлуваше лицата со нежен блесок беше незаборавен.
Гласниот аплауз кога сонцето паѓа во морето од страна на сите нас е нешто што го симболизира Санторини.