Семејство со двете деца и кучето ја истражува Македонија: „Омилени ни се Лешница и Солунска Глава со Бабунски извори“
Велосипеди или пешачење?
Би рекла и двете подеднакво. Но, ајде ќе речам планинарење, само затоа што има многу повеќе патеки/врвови кои децата без проблем ги качуваат и ги качуваа кога беа мали.
Со велосипед сме поограничени, во смисла, не можеме да ги носиме на турите кои сакаме да ги искусиме, сè уште се пренапорни за нив или има доста сообраќај, а знаете дека кај нас нема некоја голема сообраќајна култура посебно не кон велосипедистите.
Со нив сакаме off-road патеки, каде нема возила, па сега повеќе ги истражуваме за да може заедно да ги уживаме.
Најинтересна тура со велосипед?
Дефинитивно обиколката околу Охридско Езеро. Бевме без децата секако, бидејќи турата беше 100km, но поминувавме низ две држави, возевме постојано покрај нашето најубаво Охридско Езеро и ги полневме очите со убавини. Искрено не ги ни почувствувавме тие 100km.
Со децата ќе ја издвојам патеката Муратово Џаде, тоа е трасиран земјен пат по самиот срт на Скопска Црна Гора и нуди прекрасен поглед кон Скопје. Скопска Црна Гора нуди супер можности за планински велосипедизам.
Зошто природата е лек?
Придобивките од планината и општо престојот во природа, се огромни. Секако на прво место се здравствените придобивки.
На планина, каде дишите најубав чист воздух го подобрувате психо-физичкото здравје. Се подобрува имунитетот, капацитетот на белите дробови, работата на срцето, го намалувате секојдневниот стрес итн.
Исто така, кај децата посебно се буди креативноста, тие стануваат поиздржливи, посилни и посамоуверени, а да не зборувам за тоа какво влијание има на нивното здравје. Во ова брзо и чудно темпо на живот, планината е вистински мевлем за душата.
Колку често одите на прошетки?
На планина сме речиси секој викенд, барем еден ден од викендот. Ако не сме на планина, тогаш сме на тура со велосипеди. Зависни сме веќе од тој непресушен извор на енергија и извор на среќа.
Не можеме да си ја замислиме неделата без ден во природа. За жал имаме доста обврски сите, инаку со задоволство би поминувале повеќе време таму горе, во мир и тишина.
Дали успеавте да направите вашите деца да се вљубат во природата?
Ја сакаат природата секако. Од бебиња растат со неа. Сакаат животни, сакаат растенија, се интересираат за планини и врвови, извори, реки… Ним сето тоа им е секојдневие, сега за сега додека мама и тато се организатори на турите.
Верувам дека планинарењето и општо овие спортови кои ги практикуваме, ќе ги негуваат и понатаму во животот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело