Силвана од Скопје: „Работам како туристички водич, годинава Крф ми беше дом 4 месеци - веќе 10 години е така“
- Детали
- петок, 08 октомври 2021
„Работата како туристички водич пред пандемијата беше една од најпосакуваните и најпривилегираните професии, но по минатогодишното затворање на границите, живтотите ни се променија од корен... Но, пресреќна сум што успеав островот Крф да ми биде дом 4 месеци и годинава...“, раскажува Силвана Јовановска.
Силвана Јовановска (33) од Скопје со години работи како туристички водич, а омилена летна дестинација ѝ е грчкиот остров Крф.
За CRNOBELO.com раскажува за проблемите во туризмот поради пандемијата, но и зошто го обожава островот Крф:
„Грчкиот остров Крф е место кое го сметам за мој втор дом. Веќе 10 години ги спојувам работата со задоволството и уживам во секој момент од престојот. Работата како туристички водич пред пандемијата беше една од најпосакуваните и најпривилегираните професии, која секако со себе носи многу одговорности, но и многу привилегии.
Токму на Крф поминував четири месеци од годината и имав можност да остварувам нови пријателства, да го истражам островот и буквално да се чувствувам како да сум дома.
После минатогодишното затворање на границите, живтотите ни се променија од корен и надежта дека повторно ќе работиме и патуваме како порано, буквално згасна.
Сепак, Грција ги отвори границите и постави услови за патување кои беа комплицирани, но не и невозможни, и тоа беше сосема доволно да продолжиме да се бориме и да се вратиме на нашите најомилени дестинации.
Првите правила за влез во земјата беа доста отежнувачки, работно време на граничните премини, случајно тестирање на самата граница, како и доказ за вакцинација и тест, полициски час во Грција.
Потоа се укина полицискиот час и работното време на границата, но се воведе задолжително прикажување на сертификатите за вакцинација или брз тест, за влез и излез од островот на траектите.
Сето тоа вредеше затоа што магијата на Крф е нешто кое го одзема здивот.
На само 500 километри од Скопје и возење со траект околу час и половина, се наоѓа овој мал рај, кој веднаш ве понесува и ги заборавате сите проблеми.
Крф е втор по големина од групацијата Јонски острови, со медитеранска клима, бујна вегетација, прекрасни плажи за сечиј вкус, исклучително вкусна традиционална храна, а народот е топол и отворен за туристи.
Секој што сака да доживее едно поинакво летување, да истражува, да шета и да не биде стациониран на само едно место, без сомневање треба да одбере некој од грчките острови. Секој е приказна сама по себе и нуди места кои се единствени, прекрасни и пристапни за сечиј џеб. Постојат две пристаништа кои ве водат до Крф, едното се наоѓа кај градот, а другото на јужниот дел на островот на местото Лефкими.
Цените се различни во зависност од тоа со што патувате.
На островот Крф можете да најдете ултра луксузно сместување со сите удобности (цени од 1.000 евра по ноќевање и повеќе), но можете да најдете и сосема пристојни апартмански сместувања со сосема нормални цени.
Обично кај нас владее мислењето дека островите се многу скапи и недостапни, и затоа трендот на летување на краците е многу популарен, но практиката покажува дека напротив островите можеби се малку подалеку, но прилично поевтини.