Даниела Ѓуровска: „Ја посетив најголемата фавела во Рио де Жанеиро, Бразилците се фит, а плажите совршени“
- Детали
- вторник, 31 август 2021
„Во Сао Паоло наидовме на населба која беше преполна со бездомници што постојано ми предизвикуваше чувство на „Каде дојдовме?“ Случајни минувачи нè советуваа да внимаваме, една девојка ни пријде да нè праша буквално „Што барате во оваа населба?“. Загрижена и свесна за сè она што може да наидеме нè советуваше личните работи и телефоните да не ги држиме во рака со цел да привлекуваме помалку внимание...“, раскажува Даниела од Скопје за посетата на Бразил.
Даниела Ѓуровска, има 26 години и живее во Скопје. По професија е маркетинг координатор во Fashion group, иако има студирано дизајн. Љубовта кон маркетингот и модата ги споила во едно.
Таа неодамна го посети Бразил.
Како изгледаше патувањето во време на пандемија и каква е оваа држава, таа споделува за CRNOBELO.com:
Како изгледа патот од Скопје до Бразил? Колку чини летот дотаму?
Како и на секое патување полесно го поднесуваме патот кога одиме накај посакуваната дестинација отколку назад. По долго истражување за летот најлогична беше опцијата Скопје-Истанбул-Сао Паоло. Пристигнувањето на аеродромот во Истанбул беше само „отскочна даска“, па останатите 12 часа до Сао Паоло беа предизвик за мене бидејќи за првпат имав можност да летам на толку далечна дестинација. Имавме exit seats што беше „the best thing ever“ поради комфорот при летот.
Авионските билети беа најскапиот дел од патувањето, што е и за очекување кога станува збор за прекуокеански лет.
Цените варираат и се околу 1.000 евра, сè зависи од она што барате, кој ден патувате, со колку багаж и слично.
Првиот впечаток по пристигнувањето?
Искрено не бев целосно подготвена за она што следи, иако бевме добро поткрепени со информации после сите изгледани документарци и влогови. Поради тоа што нема директен лет до Рио де Жанеиро, не ја пропуштивме можноста да останеме 2 дена во Сао Паоло, најнаселениот град во Јужната хемисфера и најбогатиот град во Бразил каде луѓето се нарекуваат Паулистас.
Првото утро се упативме кон Меркадао (Mercado Municipal de Sao Paulo), или „големиот пазар“. Првиот шок кој го доживеаме беше поради тоа што веројатно се одлучивме за „погрешниот пат“.
Наидовме на населба која беше преполна со бездомници што постојано ми предизвикуваше чувство на „Каде дојдовме?“.
Случајни минувачи нè советуваа да внимаваме, една девојка ни пријде да нè праша буквално „Што барате во оваа населба?“. Загрижена и свесна за сè она што може да наидеме нè советуваше личните работи и телефоните да не ги држиме во рака со цел да привлекуваме помалку внимание.
Во Меркадо нè пречека една сосема поинаква и пријатна атмосфера. Со една реченица би рекла понекогаш налетуваш на вистинските луѓе во вистинско време.
Позитивната енергија на продавачите кои „те присилуваат“ да ги пробаш највкусните тропски овошја ни направи да се чувствуваме добредојдени. Овошје, зачини, пиво, многу риба, месо и едни од највкусните бразилски специјалитети се само дел од работите кои се достапни на пазарот, кој е едно од најпосетуваните туристички места во градот.
Следно на нашата агенда беше катедралата (Sao Paulo Cathedral) каде бевме свесни дека ќе наидеме повторно на бездомници, буквално живеат како во една населба на влезот на истата, полицијата постојано патролира со цел да ја „држи ситуацијата под контрола“.
Не помалку возбудливо беше при посетата на јапонското маало. Во Бразил живеат повеќе од 1.5 милиони Јапонци. Искусивме една поинаква култура и микс помеѓу бразилската и јапонската кујна. Суши, васаби и саќе, едноставно Јапонија во мало.
Една од работите кои не би требало да се пропуштат во Сао Паоло е Bеco do Batman, улицата која совршено ја отсликува урбаната слика на градот. Истата е проткаена со уникатни графити, уметници кои ги продаваат своите рачни изработки и танчари. Совршен начин да се заокружи авантурата во Сао Паоло и да продолжиме на нашата следна и главна дестинација, Рио де Жанеиро.
Одморот во Бразил е уникатно доживување затоа што…
Ќе го почувствуваш урбаниот дух на локалците, ќе искусиш превкусна храна, ќе уживаш во совршените долги плажи и ќе пиеш Caipirinha додека во позадина ја слушаш „The Girl from Ipanema“, ќе го почувствуваш адреналинот на најуникатните активности кои ги нуди Рио де Женеиро и ќе бидеш сведок на најубавото зајдисонце на Sugar Loaf.
Дали Бразилките навистина се жени со раскошни облини? Изгледаат ли впечатливо?
Да! Имавме можност да видиме многу убави жени. Облините се дел и од нивната култура, па затоа и пластичната хирургија е многу застапена кај оние кои изгледаат поинаку од оној стереотип за тоа како би требало да изгледа „вистинска Бразилка“.
Имаат специфична улична мода, можев да забележам доста автентични и уникатни стајлинзи.
Најнемил настан таму? Имаше ли кражби, незгоди …?
Непријатното чувство кога знаеш дека може да бидеш во опасност. За среќа немавме немил настан, но во многу ситуации немав чувство дека можам сама да се движам во градот и да се чувствувам безбедно, веројатно тоа беше последица од првите денови во Сао Паоло.
Нè советуваа дека во Рио треба да бидеме внимателни бидејќи е понебезбедно поради фавелите и криминалните банди кои живеат таму, но магијата на градот направи да подрзаборавам на тој факт и да уживам максимално.
Каква е климата?
Не беше најдоброто време кое можеше да ни се погоди со оглед на тоа дека врнеше три дена. Иако во овој период од годината има најмалку врнежи сепак, имавме „среќа“ чадорот секаде да го шетаме со нас.
Кога беше сончево ти останува само опцијата да уживаш со коктел на една од најубавите плажи во светот.