Даниела Ѓуровска: „Ја посетив најголемата фавела во Рио де Жанеиро, Бразилците се фит, а плажите совршени“
Бразил нè потсетува на изобилство од бои, дали е навистина така?
Навистина е така, почнувајќи од овошјето кое го имаат во изобилие, различните зачини, до урбаните средини насликани со графити…
Каква е храната?
Вкусна, но многу зачинета. Имаат специфични зачини кои мислам дека ги користат речиси во секое јадење кое му дава специфичен мирис. Едни од најинтересните работни кои ги пробавме се „pastel de santa clara“, „pastel de balem“, „pastel de camerao“, „coxinha“ и „heart of palm“.
Можеби највкусна, како и секогаш, беше уличната храна и онаа која ја пробавме во Меркадао.
Еден од моментите кои исто ме воодушевија е фактот дека недела беше пазарен ден. Утрото кога излеговме од хотелот сфативме дека една од улиците на Copacabana е целосно затворена за автомобили и дека е пренаменета за активности како џогирање, возење велосипед или тротинет. Беше навистина убав момент да се доживее тоа.
Во непосредна близина беа поставени тезги каде продаваа храна, зачини, овошје и сувенири. Тоа воедно беше и моментот кога го искусивме највкусниот и најкалоричен појадок во Бразил.
Ти беше ли напорно во турканицата и метежот?
Со оглед на тоа што Сао Паоло го доживеав празен не можам да кажам дека ми пречеше, баш напротив. Во ред, со исклучок на моментот кога се трудевме да ја направиме совршената слика за Инстаграм.
Во врска со ситуацијата со корона морам да напоменам дека се премногу дисциплинирани, сите носат маски и ги почитуваат протоколите, дури дел од нив и додека вежбаа.
Од кои земји имаше најмногу туристи?
Не би можела да кажам со сигурност, имавме можност да наидеме на многу луѓе од Бразил кои доаѓаат од друг град. Претпоставувам дека ситуацијата со корона си го направила своето.
Можам само да претпоставам и замислам што се случува кога нема ограничувања или во моментот на одржување на фестивалот во Рио за кој слушнавме дека планираат да се одвива два пати во годината поради големата заинтересираност, не се сомневам дека е магично.
Зошто Бразил е совршена летна дестинација?
Поради тоа што е непресушен извор како туристичка дестинација. Сите љубители на танцот, хедонизмот, егзотичната кујна, културолошкиот микс на народи, чувството на соживот и неверојатните плажи, се само дел од работите кои би ги задоволиле сите сетила на оние кои уживаат во истражување на држава како Бразил која се простира на површина колку еден континент.
Повеќе фотки од Бразил:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело