Тони Гогов работи во Лапонија, Шведска: „За изнајмување стан се чека по 10 години, само староседелците имаат ирваси“
Ирвасите ми се една од главните слики за Лапонија, каков третман имаат овие животни таму?
„Ирвасите се наш начин на живот“, нешто што би кажале Сами староседелците. Во моментов околу 10% од Сами популацијата се поврзани со бизнисот со ирваси и само тие имаат права да го поседуваат тоа животно.
Тие гледаат на ирвасите како на свето животно и за многу од нив, тој се смета за најважен вид во областа.
Може малку да позборуваме и за традиционалната храна во Лапонија, имаш ли омилена? Се научи ли да готвиш нешто и самиот?
Нордиската кујна моментално е во центар на глобалното кулинарско внимание, но на северот на Шведска – одржливоста и локалните продукти на лапонската кујна се во забрзан тренд на препознатливост. Длабоко вкоренето во природата и традицијата, Шведска Лапонија изобилува со различни вкусови.
Еве што да пробате: кафе сирење (иако кафето и сирењето не звучат како добра комбинација, всушност е многу вкусно.); специјалитети со месо од ирвас, елен, дива свиња; арктички малини и капини, посебно cloudberry кои се ретки и многу барани диви бобинки, а превкусни за јадење; gáhkku, што значи „жар лепче“ е типичен „Сами леб“ што се јаде со маснотии од ирваси или путер.
Во текот на неколкугодишниот престој научив како да приготвувам специјалитети со лосос и езерска риба arctic char и топли напитоци како сок од липинка и слични бобинки.
Какви се цените таму?
Доколку готвиш за себе, а притоа купувајќи најголем дел од храната во супермаркетите, јадењето во Шведска е изненадувачки евтино. Цените во јавниот превоз се со прилична нормална вредност. Дури и долгите патувања на стотици километри може да чинат помалку во споредба со патувањето од дома до работа во други европски земји.
Наоѓањето стан за изнајмување на долг рок може да биде прилично тешко во големите градови, а локалното население знае да почека и 10 – 20 години (да, години) чекајќи на ред во системите за сместување. На другиот крај на земјата, имотите во рурална Шведска (особено во северниот дел на земјата) обично се лесни за изнајмување и можат да ги изнајмите за одлична цена.
Цигарите се релативно евтини во Шведска, со оглед на угледот на земја со високи даноци. Алкохолот е друга приказна; цените се многу високи во баровите и рестораните, а само еден синџир продавници во сопственост на владата – Системболагет – има можност да продава пијалаци кои се над 3,5% алкохол.
Во последните неколку месеци сите сме носталгични за светот кој го знаевме претходно. Кои твои минати патувања постојано ги освежуваш со сеќавање?
Не поминува ден, а да не разговарам со пријателите за забавните времиња што ги поминавме за време на нашето неодамнешно патување во Португалија, или за нашите луди авантури низ норвешките фјордови.
Како што може да биде случај со повеќето други авантуристи (меѓу кои и јас), патувањата во време на глобална пандемија се скратија драстично, но сепак изнајдов начин да посетам неколку европски дестинации како Амстердам и неколку региони во Италија. Жедта за патување се зголеми особено откако беа намалени ограничувањата на европскиот континент во месец јуни.
Како за крај, знаејќи дека си голем авантурист и истражувач, кои дестинации ти стојат како приоритетни за посета штом се нормализира ситуацијата?
Патувањето за Намибија беше и ќе остане приоритет веднаш штом се средат работите. Долго планираното патување на африканскиот континент со пријатели се надевам ќе биде исполнето со нови животни искуства и предизвици, а ќе откријам нови тајни за тамошните цивилизации.
Посета на Јапонија и регионот Патагонија е на врвот на списокот со приоритетни места за одмор. Дотогаш, до останеме здрави и како што оди познатата песна, „We shall overcome!“.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело