Софија Христова: „Највкусното кафе го испив во Танзанија, а најлудата авантура ја имав на Филипини“
- Детали
- сабота, 04 април 2020
„Имам посетено повеќе од 30 земји, но никогаш нема да ја заборавам дружбата со племето Масаи во Танзанија, одличниот ноќен живот во Либан и контрастите на традицијата и модерното во Израел, вели 26-годишната скопјанка.
Софија несомнено може да ја понесе титулата „светски патник“. Иако има само 26 години, листата на посетени земји досега ѝ е на завидно ниво.
Работи како графички и UI/UX дизајнер и вели дека обожава да патува затоа што верува дека секоја земја заедно со луѓето и нивните култури може да не научи многу вредности.
За CRNOBELO.com таа ги пренесува најубавите спомени од патувањата:
Колку земји имаш посетено досега?
Уф… одамна престанав да ги бројам. Отприлика имам посетено околу 30 земји и скоро сите континенти, традиционалната Европа, Америка, Азија и Африка, а некои од нив ми оставиле најголем впечаток, па би ги издвоила како такви Танзанија, Занзибар, Замбија, Филипини, Хонгконг, Индија, Макао, Израел, Шкотска, Сардинија, а секоја посетена земја несомнено ми оставила впечаток.
Последните неколку години посебно ме привлекуваат дестинации каде можам да направам добар спој од нови сознанија и авантуристички денови преполни со предизвици.
Најдолг лет со авион ти бил…
Дефинитивно Лусака, Замбија, вклучително со трансфери и кратки престои изгледаше вака: Скопје - Виена - Адис Абеба - Лусака - Дубаи - Лондон - Амстердам - Скопје, а често одам и со лет Виена – Њујорк, кој трае околу 10 часа.
Најинтересна ситуација што ти се случила за време на некое патување…
Дружбата со Масаи племето после повеќечасовното сафари, дружбата со диви животни во Нгоронгоро, Танзанија, ланч пакетот што го добивме составен од половина сендвич со рендан морков и една банана за околу 18 часа многу активен ден.
Она што ме воодушеви кај племето Масаи е што чуваат голем број крави, а задолжително во секоја куќичка внатре живеат по една крава, која спие заедно со семејството, а вообичаен појадок е млеко измешано со крв од крава…
Масаите се исклучиво високи и слаби, имаат интересна традиционална игра каде што скокаат многу високо во круг, имаат доста ритуали и се номадско племе, на одредено време се селат низ африканските предели и одново градат живеалишта.
Најнемилиот настан за време на некое патување…
На Палаван, Филипини, се заглавив на зиплајн приближно висок колку 4-катна зграда, но кога ќе се вратам назад во времето не го гледам како немил настан, сепак имам што да раскажам.
Најмногу те изненади…
Сообраќајот во Индија, комплетно лудило, нема многу семафори, одлучуваат кој да помине прв или да застане со константно свирење.
Во која земја го имаш испиено највкусното кафе, а во која изедено највкусниот оброк?
Кафето кое ни го подготвуваа племето „bush people“ на Килиманџаро во Танзанија, каде бевме сведоци на целата ситуација како се подготвува кафе со нивните племенски ритуали, игра и песна.
Највкусниот оброк ми е дефинитивно во Бејрут, Либан, бидејќи ја обожувам нивната веге кујна полна со вкусови и бои, послужена на уникатни начини. Но, ако сте љубители на зачини и многу лута храна, тогаш дефинитивно Индија.
Каков впечаток ти остави Хонконг?
Организиран хаос (како мене), дефинитивно би се вратила повторно.
Опиши ни го Њујорк во една реченица…
Град кој те прифаќа онаков каков што си – свој!
Зошто би се вратила повторно на Филипини?
Заради најубавата природа, авантуризмот, себе изолацијата на пустиот остров, повремениот живот без интернет и останатите 7.635 острови кои не стигнав да ги посетам.
Најголема авантура досега ти била…
Кањонинг на Филипини, 4-часовна „прошетка“ со скокање од високи (до 12 метри) карпи во вода, пливање, хајкинг и пешачење низ кањонот.
Интересно беше тоа што буквално ништо не носевме на себе освен бикини и безбедносен елек, не однесоа со мотори во една срушена куќа, во подрум каде што имаше купишта обувки, требаше да си одбереме од нив и вистински предизвик, а и невозможна мисија беше да си го најдеме соодвениот број или пак да успееме да направиме пар.
Зошто секому би му препорачала да појде во Мароко?
Затоа што во Казабланка уживаш низ тесните шарени сокаци кои те водат до уникатна плажа, каде е распослан најцрниот песок што може да се замисли и Маракеш, кој го одзема здивот со импозантна архитектура и мирисот на зачини кои долго се паметат.
Зошто Танзанија е уникатна држава?
Заради недопрената природа, прекрасните насмеани луѓе и изобилството на егзотично овошје и зеленчук.
Најубавата плажа на светот е…
Паже, Занзибар (нема потреба од филтери на сликите за социјални мрежи). И Занзибар дефинитивно е рај за туристите.
Најживописната улица на светот е…
Принцес стрит во Единбург, исто како да си дел од екипата на Хари Потер филм.
Најубав град на светот за тебе е…
Лисабон, го обожавам.
Што ти остави најсилен впечаток во Израел?
Контрастот помеѓу модерниот Тел Авив и традиционалниот Ерусалим, зачуваната историја од 4000 години и модерниот живот со најнапредни технологии како и уникатното Мртво море кое константно те држи да плуташ на површината, пештерите на Кумран, Јудејската пустина, патот од Маслиновата гора до Голгота, дефинитивно Израел е и вистинско духовно патување…
Мароко е приказна сама за себе затоа што…
Ја имаш единствената можност да уживаш во дружбата со занаетчиите, опкружен со најсилните бои и мириси.
Од Либан најмногу ќе се сеќаваш на…
Неочекуваниот одличен ноќен живот, гласните клубови и преполните барови.
Како дојде на идеја да појдеш во Керала во Индија?
Имав единствена прилика да бидам дел од обука за човечки ресурси и привилегија да ги посетам најубавите делови од Керала со локални луѓе.
Керала ја викаат „Земјата која Бог ја создал за себе“ и тоа навистиина го видов во Мунар во чајната долина, зеленило кое се распостила до недоглед.
Керала е Земја на планини, реки, езера и океани кои се испреплетуваат меѓу себе и создаваат чувство дека на едно место ги гледаш сите убавини кои ги создала природата, сите бои, плодови, мириси… Сè е таму, те опкружува и те фасцинира. Традицијата се негува преку песна, театар, гастрономија…