Благоја Мартиновски: „Гледав делфини на зајдисонце и нуркав со ајкули - Малдиви е рајот на Земјата“
- Детали
- четврток, 27 декември 2018
„Патувањето дотаму е напорно и за еспресо ќе платите 5 долари, но вие сте среде океан на најубавото место на светот каде нуркате со ајкули, пливате во тиркизна вода и се сончате сами на недогледни бели песочни плажи, Малдиви е рајот“, вели 35-годишниот скопјанец.
Благоја Мартиновски има 35 години, работи како фриленс веб девелопер, а во Македонија луѓето го знаат како активен член на мото заедницата.
За себе вели дека е пасиониран моторџија кој успева некако да најде време за сите активности во животот.
Неодамна со својата сопруга беше на одмор на Малдиви, па проговоривме со него за искуствата од оваа рајска дестинација:
Поводот за посета на Малдиви и зошто токму Малдиви?
Повод за посетата беше годишницата од бракот, 9 години можеби и не се многу, ама дефинитивно не се малку. На претходните годишнини имаме патувано низ Европа, а сега за прв пат ни се укажа можност да го посетиме местото за кое отсекогаш сме сонувале – Малдиви.
Како се одвиваше патувањето до таму и првиот впечаток по слетувањето? Колку чини едно вакво задоволство?
Патот беше долг, но откако ќе стапнете на островот заборавате на сè.
Летавме со Qatar Airways од Скопје до Доха, лет кој траеше 5 часа, а во Доха имавме организирана тура низ градот. 4-5 часа поминавме со личен возач кој ни ги покажа сите знаменитости на главниот град на Катар и си поминавме навистина одлично. Од Доха имавме уште еден лет од 5 часа до Мале.
Летовите беа со одлични авиони на Qatar Airways и тие 5 часа воопшто не се чувствуваат. Потоа од Мале имавме лет од 20 минути со мал авион до локалниот аеродром, а од таму со брод уште 20 минути до островот. Сè беше одлично организирано, од трансфер на куферите до луѓе кои нè чекаа на секое застанување, едноставно да не можеш да згрешиш.
Патувавме преку една скопска агенција од која сме презадоволни од услугата, а целиот аранжман за 10 дена нè чинеше околу 3.000 евра.
Јас сум човек кој сака да ја изненадува сопругата, па така беше и сега, таа знаеше дека одиме за Дубаи, со застанување во Доха заради турата низ градот. Крајната дестинација ја дозна дури на аеродромот во Катар, пред да тргнеме за „Дубаи“, а реакцијата можете да ја замислите.
Имав проблем да ја убедам што да спакува, а и да ја зачувам тајната, но на крајот сè излезе добро. За малку ќе морав да ја откријам крајната дестинација на пасошката контрола во Скопје, бидејќи ни бараа визи за Дубаи, но се снајдов кажувајќи дека документите за Дубаи ќе ни ги дадат во Катар, па поминавме без проблем.
Кога велам декември на Малдиви мислам на...
Тргнуваш од загаденото и студено Скопје, пристигнуваш во рајот на Земјата.
Климата е фантастична, ноќи со 27 степени и дневна температура од 30, постојано. Сонцето пече, но не е неподносливо, влажноста е одлична, па воопшто не е спарно.
Температурата на водата е топла во кое било време од денот, дали ќе станете во 5 часот наутро или во 12 на пладне воопшто нема потреба да се навикнувате на водата, едноставно влегувате и уживате.
Најромантичниот момент...
Гледањето на делфини на зајдисонце од бротче, бесценето.
Најзабавната активност...
Бевме на неколку тури, најзабавно беше пливањето со кит ајкула (whale shark), џиновски желки и Манта Реј рибите.
Возењето со бротче до сред океан и пливањето можеби не е за секого, но за љубителите на авантурите е активност што не смее да се пропушти.
Најлошото искуство...
Да појдеш на рајски остров и да имаш лошо искуство или треба да си малер, или да бараш влакно во јајце. Ние си поминавме прекрасно, немаше ништо на што би се пожалиле или би промениле, од односот на вработените, до јадењето, до буквално сè што зависи од човечкиот фактор беше одлично, а за природата нема потреба да зборуваме, се гледа од фотографиите.
Како изгледа комуникацијата со локалните жители, каква е услугата и цените?
Контакт со локалното население имавме кога шетавме низ Мале (главниот град на Малдиви). Мал град полн со луѓе кои постојано брзаат, се возат премногу скутери и поминувањето на улица може да биде предизвик, но сите се пријателски расположени.
Вработените пак во самиот ресорт се буквално тука за вам да ви биде убаво, прават и невозможни работи за да си го поминете одморот од соништата. Сите се насмеани, комуникативни, расположени.
Цените се релативно високи, еспресо е 5 долари, коктелите се од 18 долари, пица е 25 долари... но кога ќе видите дека добивате врвна услуга и квалитет на остров среде океан, цените се разумни.
Тиркизна вода, недогледни бели песочни плажи и прекрасно зеленило – вистински рај, но некои велат дека на Малдиви нема што да се прави и брзо може да ви здодее престојот таму. Дали е навистина така?
Можеби така делува кога се гледа на фотографии, па дури и на нашите фотографии изгледа како островот да е пуст и здодевен. Сепак островот е полн со луѓе, доволно е голем да одберете дали сакате да бидете со луѓе или сами.
Има многу места каде што сте буквално вие, песокот, водата и сонцето, никој друг, а доколку отидете во главниот бар кај базенот ќе ја видите „гужвата“. И тоа како има што да се прави, од тури од кои ви запира здивот до активности во самиот ресорт.
Имаат сали за билјард, пинг понг, забавни игри (флипери), тенис, бадминтон... забави и игри за гостите кои се организираат во самиот ресорт, а секако тука е и самиот океан кој е исполнет со подводен свет од кој запира здивот, па дефинитивно има што да се прави.
Дали имаше други туристи и од кои земји? Кога е екот на сезона на Малдиви?
Според сајтот на самиот ресорт ги посетуваат луѓе од целиот свет, ние затекнавме многу луѓе и од нaшиов регион, по едно семејство од Србија, Црна Гора, Хрватска, неколку од Бугарија, Романија... Има многу Азијци, има Американци, Индијци... буквално луѓе од целиот свет.
„Сезоната“ започнува на крајот на ноември, а трае до април. Тоа се месеците во кои дождот знае понекогаш да заврне, но не претставува никаков проблем бидејќи запира за неколку минути и не влијае на климата.
Според локалците и во периодот од мај до ноември има многу туристи иако тоа важи за „ладна“ сезона. Во овој период дождот знае да заврне и по неколку пати во денот, но исто така не влијае на климата. Во тој период според нив единствено помалку го гледате сонцето и можете да имате по тмурно време, но во секој случај е одлично за одмор.
Времето е релативна работа, како минува времето на Малдиви, како ви изгледаа деновите таму?
Чудна е временската разлика, 4 часа се пред нас, па наутро доколку сакате да комуницирате со некој во Македонија сфаќате дека се сѐ уште во кафана.
Деновите се долги, имате доволно време за сè, а навечер иако е забрането да влегувате во вода (заради безбедносни причини) имате избор од различни активности во самиот ресорт, па целиот ден ви е исполнет.
Кога ќе станете наутро и ќе ја погледнете „разгледницата“ низ прозорецот времето како да запира, не сте оптоварени со тоа кој ден е, колку е часот, едноставно уживате во секој момент.
Дали сретнавте некои интересни животински или растителни видови?
На островот има интересен животински свет, има многу мравки, гуштери, неколку мачки кои им прават друштво на вработените, и многу лилјаци во средишниот дел на островот. Лилјаците се активни преку ден, што беше навистина интересно да се види.
Подводниот свет е приказна за себе, а маска за нуркање е нешто што морате да го спакувате доколку одите на Малдиви. Од мали шарени рипчиња, до безбојни големи риби и ајкули кои пливаат околу вас. За среќа денски доаѓаат само мали ајкули, па тие се оние кои бегаат.
Што ви остави најмногу впечаток од нивната кујна?
Рибата и морските специјалитети, свежи и различни од оние кои сме ги пробале. Користат многу зачини кои се специфични, а ѝ даваат прекрасен вкус на храната.
Во самиот ресторан на ресортот за појадок и вечера имате избор од различни видови на храна, едноставно нема да згрешите што и да пробате.
За ручек пак имате неколку ресторани на самиот остров, од италијански, до рибен, па дури има и пица достава до самата вила доколку сакате да јадете „дома“.
По посетата на оваа дестинација од соништата, која е следната на листата?
Тешко ќе биде да се надмине ова искуство, но веќе размислуваме за следниот одмор кој најверојатно ќе биде крстарење со брод низ Америка.
Фотки од патувањето:
С. С. | Црнобело