Даниела од Роам Ароунд МК за камперските тури во Исланд: „Одиме на места за кои никој не слушнал“
- Детали
- среда, 14 февруари 2024
„Камп сајтовите се 100% безбедни, исто така Исланд важи за една од најбезбедните земји во светот. Камп-сајтовите во кои паркираме и спиеме секоја вечер се опремени со тушеви, простории за дружење, кујни, машини за перење облека, а исто така некои од нив имаат и топли базени“ – вели Даниела од тимот на „Roam Around MK“ кои организираат камперски тури во Исланд.
Даниела и Били се млади авантуристи кои обожаваат авантура и се заљубени во Исланд, а од нивната љубов кон патувањата се роди „Roam Around MK“. Како што Даниела вели, нивниот тим моментално расте и за брзо ќе ги има во уште поголем број.
Ова е заедница на авантуристи кои сакаат да го запознаат волшебниот Исланд патувајќи со комбе-кампер, тура во нивна комплетна организација, од Скопје до Исланд.
Таа за CRNOBELO.com вели дека тие се истражувачи и креативци, со огромно креативно искуство кое им помогнало идејата за патување да се преточи во функционален модел кој во моментов е еден од најпопуларните туристички понуди на локалниот пазар.
Вели дека го одбрале Исланд бидејќи тоа е земја каде се спојуваат нереални природни богатства, вулкански плажи, глечери, вулкани и, секако, поларната светлина.
Даниела појаснува дека во понудата е вклучено буквално сè, освен храна и пијалаци. Авионски билети, кампер возило, осигурување за вас и за возилото, гориво (колку и да се потроши во текот на патувањето), тунелски трошоци и камп сајтови...
Таа објаснува дека за време на турата се спие во камперски сајтови кои се безбедни и опремени со тушеви, простории за дружење, кујни, машини за перење облека, а некои дури имаат и топли базени.
Дознајте повеќе за оваа камперска авантура во интервјуто:
Кои се Roam Around MK? Како се роди оваа авантуристичка заедница на кампери?
Roam Around MK е дом на сите авантуристи кои сакаат егзотика на неистражени места од планетата земја. Оваа идеjа се роди откако ние почнавме да правиме приватни тури во Исланд и голем интерес се покажа за организирање тури за пошироката јавност.
Неодамна се вративте од камперска тура низ Исланд, како си поминавте, споделете со нас импресии и впечатоци...
За нас по стоти пат, за нашите патници по првпат, а сепак бевме полни со истата возбуда како и нив.
Сите ние имавме возбудливо и уникатно патување и се вративме со многу сеќавања кои уште долго ќе ги раскажуваме! Нашите патници се вратија назад со големи насмевки и мнооогу позитивни впечатоци.
Како се роди идејата за овие патувања?
Ние сме авантуристи кои честопати патуваат на мошне интересни ќошиња од нашата планета.
Истражувачи и креативци, со огромно креативно искуство кое ни помогна од идеја да стигнеме до функционален модел кој во моментов е еден од најпопуларните туристички понуди на локалниот пазар.
Зошто токму Исланд како дестинација и кампери како сместување и превоз?
Сакаме нашите патници да си поминат незаборавно и да направат сеќавања за цел живот. Каде на друго место ако не во Исланд?
Сите имаме видено и замислено тиркизни води и плажи, но кој има замислено вулкански дини и глечери?