Даниела од Роам Ароунд МК за камперските тури во Исланд: „Одиме на места за кои никој не слушнал“
Нудите патување низ Исланд со кампер. Што сè вклучува понудата?
Во понудата е вклучено буквално сè, освен храна и пијалаци. Авионски билети, кампер возило, осигурување за вас и за возилото, гориво (колку и да потрошите во текот на патувањето), тунелски трошоци и камп сајтови.
Сè што треба вие да си докупите е храна и пијалаци во Исланд.
Колку дена трае една тура и кои места се посетуваат?
Во зависност од временските услови, турите траат од 7 до 10 дена. Се посетува скоро секоја туристичка атракција за којашто сте слушнале дека е во Исланд.
Од водопади и паднати авиони, до вулкански плажи, пустини и глечери. Исто така, посетуваме и многу скриени делчиња на Исланд за кои ретко кој слушнал.
Дали е тешко да се организираат овие тури - авионски билети, документи за патување, осигурување...
Сè што се прави со љубов и знаење, не е тешко. За нас процесот на организирање на патувањето е интересен, а организацијата е дел од нашата секојдневна работа при што уживаме додека се креира една ваква тура.
Се разбира, одговорноста при организирање на турите е огромна, но нашиот тим е спремен повеќе од било кога и располага со огромно искуство во полето на организација при што гарантираме за безбедноста и расположението на нашите патници.
Дали има заинтересираност меѓу Македонците за овој вид авантуристичко патување?
Се разбира дека да! Уште од почетокот на Роам Ароунд добивме многу големо внимание и заинтересираност кај луѓето.
И ние се радуваме кога ќе видиме дека нè има сè повеќе и повеќе авантуристи во нашата мала земја. Викаат дека најмногу можете да се зближите со некого доколку поминете една ноќ заедно во шатор – е па ние нудиме кампер наместо шатор, и луѓето уживаат во овој необичен вид на патување.
Како се движат цените во Исланд за кафе, пиво, сок, вода, печива и бургери, во маркет или во ресторан и кафулиња?
Како и секоја европска земја, стандардот во Исланд е на повисоко ниво од македонскиот. Од 10 евра за пиво, 5-7 евра за кафе, 20 – 30 евра за бургер и слично.
Нашиот тим ви препорачува доколку доаѓате со нас на тура, наместо да купувате брза храна (што е навистина скапо во Исланд), да си ги полните камперските резерви во маркетите во Исланд заедно со нас.
Намирници за да си поминете супер на оваа тура, на пример за 7-10 дена би ве чинеле околу 350-450 евра за двајца возрасни.
Какво е локалното население кон туристи?
Локалците во Исланд знаат дека нивната земја е една од најпопуларните туристички дестинации во моментов и се приспособени на тоа.
Тие се радуваат кога туристите ќе ги прашаат за некаков совет околу нивното патување и се настроени кон помагање и насочување на туристите. Различни од кои било други локалци.
Каков е моделот на возилата/камперите, колку лица собира, кој ги вози, со што се опремени? Дали треба да се поседува меѓународна возачка дозвола или доволна е македонска?
Стандардните возила коишто ги нудиме во цената се Fiat Doblo Maxi или Reno Kangoo 2021/22. Toa се pick-up возила редизајнирани во оптимален кампер за двајца.
Се разбира по барање на патниците достапни се и други поголеми возила како комбиња, „Тесла“ електрични возила, 4×4 џипови и слично за кои треба дополнително да се плати.
Сепак, препорачуваме да бидете со нашите предвидени возила бидејќи се наменети за тотална авантура.
Камперите ги возите сами и сите се движиме заедно во една колона којашто ќе ја предводи нашиот тим. Исто така, не е потребна меѓународна возачка, доволно е само македонска.