Ервин Цого го замени Скопје со живот во мал град во Швајцарија: „Сè е совршено, но ми фали бурек – не можам да јадам био салати“
Дали се зборува англиски или мораше да учиш и друг јазик за да се разбираш со луѓето?
Па, сè, уште се мачам со францускиот јазик. Искрено, некако не ме влече и тежок ми е за учење.
Но, сакал-нејќел ќе мора да научам и да зборувам и француски.
Инаку, овде се зборува и германски и италијански, но јас зборувам англиски.
Каква е локалната храна? Кој е најпознатиот специјалитет? Дали ти е по вкус или не го јадеш?
Тука многу се јаде кашкавал, а меѓу најпознатите специјалитети со кашкавал се фонду и раклет.
Љубител сум на млечни производи, така што немам проблем со храната овде.
Во Швајцарија многу се јадат органски производи, се внимава на исхраната.
Кога ќе ти дојдат гости од Македонија, каде ги шеташ?
Досега не ми дошле гости од Македонија и иако имам видено многу од земјата, искрено не знам каде да ги однесам, затоа што ќе сакам во неколку дена да им покажам сè.
Затоа мислам дека е најдобро за шетањето да ја задолжам девојка ми.
Таа е за тие работи специјалист - сака добри места и добра храна.
Имаш ли прошетано многу низ земјата? Од сè што си посетил досега низ Швајцарија, што ти се допаднало најмногу?
Да, имам прошетано низ голем дел од Швајцарија и искрено има преубави места.
Може да кажам дека е поубаво во живо отколку што гледаме на видеа или слики на интернет.
Сè што сум посетил досега е прекрасно и си има своја убавина.
Но, ако мора да одвојам, тоа би биле Лозана и Монтру.
Како го поминуваш слободното време?
Слободното време го поминувам тренирајќи.
А бидејќи сум цел ден посветен на ќерка ми, често гледам и неа да ја земам со мене на тренинг, па и таа да потрча малку.
Ти недостига ли Македонија? Колку често се враќаш дома?
Еј, да. Искрено, премногу сакам да си дојдам на неколку дена, пред сè заради фамилијата, другарите, дружењето на терен и надвор од терен со мојата екипа.
Гледам барем 2-3 пати годишно да си дојдам дома.
А што македонско најмногу ти недостига кога не си тука?
Ми недостига тој брз живот, излегување, кафиња, дружење.
Многу ми недостига храната. Не сум навикнат да јадам органско авокадо и салата.
Ми фалат бургерите, бурекот, похуваните јадења.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
A. J. | Црнобело