Сандра од Скопје за животот на брод: „Се работи 7 дена неделно, цели 6 месеци, на крајот на договорот психичкиот умор те совладува“
Колку држави имаш посетено, кое ти е омилено и зошто?
Преку работата имам посетено преку 40-тина држави низ целиот свет, а приватно преку 10-тина. Тешко е да се издвои омилено, бидејќи има толку преубави места на кои би се навратила понатаму.
Но, доколку морам да издвојам, би рекла островот Мадеира, во Португалија ми е високо на списокот. Местото е погодно за планинари и луѓе со авантуристички дух.
Дали си се соочила со бура или невреме?
Стабилизаторите на повеќето големи бродови се многу добри, па ретко се чувствува нешто.
Некогаш има и мало нишање, и тогаш знам дека има невреме надвор. Сепак, благото нишање преку ноќ е пријатно за спиење, така што има и позитивна страна.
Немил настан од твоето пловење…
Секогаш зборувам за позитивното, а тие минусите гледам да ги процесирам како лекции.
Колку најдолго си била само на море, без да стапнеш на копно?
Во три наврати поминав 7 дена на море, без да застанеме на копно.
Првиот пат тоа беше од Перт, Австралија до Сингапур, а наредните двапати од Мајами до Португалија. За време на пандемијата бев изолирана со целиот екипаж на брод повеќе од 2 месеци, додека пак истото се повтори и кон крајот на 2021 и траеше многу подолго.
Какви се гостите? Дали се пребирливи? Раскажи за некоја случка која никогаш нема да ја заборавиш...
Гостите се дојдени на одмор, тоа е нешто што сите коишто работат на брод треба да го запомнат. Исто како што и ние кога одиме на одмор, двоиме време и пари за тоа и очекуваме услуга за којшто сме платиле, па така и тие.
Со таа мисла на ум, би рекла дека сите ситуации со коишто сум се соочила, како фотограф, а потоа и како дел од офицерскиот тим, биле работи коишто можеле да се средат со малку труд.
Додека работев таму, запознав многу извонредни луѓе. Со некои од нив имам разменето контакти и некогаш си пишуваме.
Има многу ситуации кои нема да ги заборавам, ама една од тие поинтересните е кога запознав гостинка којашто работеше во тајната служба на САД. Ни раскажуваше интересни ситуации кои веќе не беа класифицирани, но исто така не толку познати.
Како подарок од нашиот тим ѝ пратив убав тефтер со пенкало и посвета да почне да ги преточува искуствата на хартија. Ми се заблагодари и ми кажа дека после нашиот разговор почнала навистина да се замислува да објави книга.
Покрај ова, имало и толку многу други многу убави искуства, настани, екскурзии со гости итн. Сè е до погледот, барем јас така мислам.
Како се прифатени Македонците меѓу екипажот на брод?
Како семејство со сите словенски народи. Тоа многу ми се допадна, навистина се чувствував многу прифатено.
Од сите земји кои ги имаш посетено, која дестинација те воодушеви, а која те разочара, и зошто?
Сите градови во Шпанија беа преубави, освен Картагена. Додека пак Картагена во Колумбија беше многу колоритна, но исто така и многу сиромашна во сите тие делчиња коишто беа скриени од очите на туристите.
Тоа и ми беше најголемото разочарување, прекривањето на вистинската слика на речиси сите Карипски острови.
Имаше делови дизајнирани за туристи, уредни, чисти, додека пак штом излезеш од тие зони, те чека огромна сиромаштија, бездомници, смрдеа.
Зошто прекина со работата на брод и кои се твоите планови на копно?
Поради личниот живот и сите аспекти коишто спаѓаат во тоа.
Иако работата на брод би ја препорачала на сите млади коишто сакаат да се стекнат со искуство во многу динамична средина, да видат нешто плус, да стекнат пријателства и да заработат, сепак стојам на тоа дека ова не е нешто што би било здраво на долг рок.
Моментално работам во компанија за вештачка интелигенција, како и на свои лични проекти како фотографија на новороденчиња, деца и семејства, а и пишувам многу повеќе.
Која е најголемата лекција што ја научи од твоето искуство на брод?
Би набројала неколку, коишто ги научив додека работев како офицер:
- Ден по ден, без форсирање. Што е твое ќе биде, без ти да се нервираш за тоа.
- Тоа што треба да го направиш сега, направи го веднаш, не одложувај.
- Работи над себе, здравјето и почитувај се себеси и своите.