Тиктокерот Карим од Казахстан за Македонија: „Охрид е моето среќно место, таму го видов најубавото зајдисонце“
На едно од твоите видеа на ТикТок, рече дека Охрид е твоето среќно место на целиот Балкан и најубавото исто така. Која е причината за тоа?
Охридското Езеро е неверојатно убаво. Сакам сè што има врска со природната убавина, а Охрид едноставно го одзема здивот.
Вечера со поглед на езерото, крстарење за да се види едно од најубавите зајдисонцето, пливање во кристално чиста вода, шетање низ тесните улици на стариот град се дел од работите кои го прават Охрид моето омилено место на Балканот.
Како ти се допаднаа Македонците?
За мене, Македонците се многу гостопримливи.
Првично, имам еден колега кој е од Македонија, па пред патувањето тој ми даде совети за земјата и сите што ги запознав во самата земја беа многу љубезни.
Бев во Македонија само три дена, а на вториот ден луѓето ме забележаа на улиците бидејќи мојот ТикТок стана вирален и ми се заблагодарија што ја посетив земјата и ја покажав Македонија на светот.
Која храна ја проба во Македонија и што најмногу ти се допадна?
Прво нешто што пробав беше бурек, бидејќи мојата мисија беше да го најдам најдобриот бурек. Но, пронајдов еден автентичен ресторан покрај езерото во Охрид, каде што пробав македонски сосови и макала, меѓу кои и ајвар и уште две други, како и охридска риба, која беше превкусна.
Дали планираш да се вратиш во Македонија?
Се надевам дека ќе го посетам Охрид во иднина, но на подолг временски период и ќе поминам повеќе време во истражување на природата и планините на земјата.
Како би ги споредил балканските земји со твојата татковина, Казахстан?
Сметам дека луѓето се многу отворени и гостопримливи, што е најголемата сличност помеѓу Балканот и Казахстан.
Што научи од твоите патувачки авантури?
Научив дека нема подобра или полоша земја, има само различни земји. Патувањето ме научи да ги оставам настрана сите мои предрасуди, да бидам отворен за учење и споделување, како и да ја вреднувам убавината на нашата планета.
Кои земји се на твојата листа за посета?
Се надевам дека оваа есен ќе ги посетам Виетнам и Камбоџа.
Дали е тешко да се креира содржина за ТикТок додека патуваш?
На моменти може да биде тешко, бидејќи немам секогаш пристап до интернет, но за да ја задржам конзистентноста, јас се обидувам да пратам серија на видеа која го олеснува создавањето.
На пример, имам серија наречена „Дали е евтина или скапа земја“, каде што ги покажувам цените на намирниците и секогаш постирам барем едно видео кое пробувам традиционална храна, што не е тешко да се создаде, бидејќи јадењето локална храна е првото нешто што го правам кога ќе пристигнам во нова земја.
Која е твојата инспирација за хуманитарна работа?
Основачот на компанијата во која работам е филантропист, па затоа целиот нашиот профит го донираме на хуманитарни организации.
Работењето во great.com ме инспирира да го направам светот подобро место за живеење, а за тоа говорам во мојот поткаст great.com Talks With.
За крај, сподели ги со нас најдобрите совети за патување според твоето искуство...
Патувајте ноќе, купете карти за возови или автобуси навечер за да заштедите на сместување.
Секогаш барајте од локалните жители омилени места за јадење, наместо да одите на туристички места.
Разговарајте додека стоите во ред за храна или кое било друго место, на овој начин можете да сретнете и да комуницирате со локалните жители или да најдете други патници.
Немојте да имате големи очекувања за дестинација, истражете ја без предрасуди. Од мое искуство, местата кои најмалку ги очекувате, најмногу ќе ве изненадат.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело / Фото: Приватна архива