Тиктокерот Карим од Казахстан за Македонија: „Охрид е моето среќно место, таму го видов најубавото зајдисонце“
- Детали
- сабота, 26 август 2023
„Кога пристигнав во Охрид, недостасуваа 30 минути до зајдисонцето, па брзо ја оставив торбата во хостелот и трчав до брегот на Охридското Езеро за да го гледам зајдисонцето. Во моментот кога го видов езерото, свежиот воздух, вода и ветер кој ми го удри лицето - почувствував моментална среќа. Македонците се многу отворени и гостопримливи...“, раскажува за CRNOBELO.com Тиктокерот Карим, односно Каримкхон Букхадуров од Казахстан.
Тиктокерот Карим, Каримкхон Букхадуров од Казахстан летово, како дел од својата мисија да го пронајде најдобриот бурек на Балканот, ја посети и Македонија. Тој вели дека Охрид го има најубавите зајдисонца, а најдобриот бурек го пробал во Босна.
За CRNOBELO.com младиот авантурист, кој е роден и пораснал во Хујанд, Таџикистан, но подоцна се преселил во Алмати, Казахстан вели дека има посетено 43 земји во Северна Америка, Азија и Европа.
Поради неговата професија, менаџер на производи во иновативна маркетинг компанија, тој летово живее во шведскиот град Стокхолм. Покрај патувањата и откривањето на нови дестинации, култури и вкусови, негова пасија е и хуманитарната работа и вели дека негова цел е да го направи светот поубаво место за живеење.
На својот ТикТок профил објавува видеа од своите патувања, а ни открива дека прво нешто што го прави во секоја нова земја е пробувањето на локалната храна.
На ТикТок споделуваш многу содржини од своите патувања. Кога почна да патуваш и која беше инспирацијата за твоите патувања?
Моето прво патување беше кога имав 15 години и посетив десет градови во Турција и оттогаш јас уживам да го откривам светот, па оттаму и моето име на ТикТок „kbexplores“.
Но, почнав со постирање на содржини од моите патувања на ТикТок минатиoт септември, лично за себе, како дневник од моите авантури.
Мотивација за патување ми е бегството од мојата комфорна зона, пробувањето на различни вкусови ширум светот и да откријам како луѓето живеат во места кои се многу далеку од мојот дом.
Колку земји имаш посетено досега?
Имам посетено 43 земји во Северна Америка, Европа и Азија.
Која е најдобрата, а која најлоша земја што ја имаш посетено и зошто?
Не можам да именувам една земја за најдобра или за најлоша, бидејќи секоја земја во која сум бил, е единствена на свој начин.
Но, постојат два заеднички именители кои ја прават земјата специјална за мене, а тоа се убавината на природата и народот, затоа некои од моите омилени земји се Норвешка, Шведска, Унгарија, Казахстан и, се разбира, Македонија.
Како се подготвуваш за посетата на нова земја? Дали имаш свој план или спонтано шеташ низ непознатото?
Обично резервирам сè неколку дена пред да пристигнам на мојата нова дестинација, а гледам и видеа на Јутјуб и ТикТок за тоа кои се топ работи што морам да ги направам таму.
Затоа, еден ден ми е планиран за посетата на туристичките атракции, а во следните денови сакам слободно да шетам без план, да ги откривам градовите губејќи се во нив.
Ова лето го посети Балканот, раскажи ни малку за тоа патување?
Единствената поголема област во која не сум бил во Европа беше Балканот пред ова лето. Знаев само дека има скоро десетина земји во регионот и дека е достапно да патување, а бидејќи живеев во Шведска, си реков зошто да не одам да го истражам Балканот.
Како би ги рангирал балканските земји, судејќи по нивната природа, архитектура, историјата, локалното население и нивната гостопримливост?
Да бидам искрен, бев импресиониран од храната на Балканот. Постојат толку многу опции кои вклучуваат месо и зеленчук.
Иако јадењата се слични низ целиот регион, но сите тие имаат малку поразличен вкус. Претпоставувам дека е затоа што секоја земја има свои зачини или рецепти.
Постојат многу убави стари градови во регионот кои нудат уникатна архитектура. На пример, Стариот град на Охрид, Мостар или Котор, сите тие се уникатни и кога шетате низ нив ќе се почувствувате како да патувате назад во времето.
Ја сметам балканската историја за многу уникатна, бидејќи биле дел од отоманските, австро-унгарските империи и поранешна Југославија, па затоа можат да се видат и многу различни влијанија во архитектурата, храната и менталитетот. Чувствувам дека балканските луѓе се мешавина од Запад и Исток, а сепак се горди што се уникатно балкански.
На твојот ТикТок направи потрага по најдобриот бурек на Балканот, дали го најде местото со најдобриот бурек и каде е?
Го најдов, најдобриот бурек што го пробав беше во мала фамилијарна бурекчилница во Сараево, Босна и Херцеговина.
Јас пробав бурек во шест различни земји, секоја земја имаше своја верзија и вкус, на пример во Белград имаа бурек со цреша, во Скопје бурек со пица, во Котор мини бурек, но моја омилена е босанската верзија со месо и јогурт.
Како дел од вашата балканска турнеја, ја посети мојата земја, Македонија. Кој беше твојот прв впечаток за земјата?
Тргнав кон Скопје со автобус од Приштина, и првото нешто што го забележав беа зелените планини на регионот.
Ми кажаа дека Македонија е планинска земја и јас, како човек кој живее во град кој е опкружен со планини во Казахстан, се чувствував среќен и како да сум дома.
Што вреди да остане запаметено од твојата посета на Македонија?
Првично планирав да го посетам само Скопје, но во Белград се запознав со еден патник од Нов Зеланд, кој ми кажа дека најдоброто место што го посетил на целиот Балкан е Охрид, и не знаев ништо за тој град, но си реков дека ќе морам сам да проверам и да видам дали е вистина.
Затоа одлучив да го посетам и Охрид. Кога пристигнав во Охрид, недостасуваа 30 минути до зајдисонцето, па брзо ја оставив торбата во хостелот и трчав до брегот на Охридското Езеро за да го гледам зајдисонцето.
Во моментот кога го видов езерото, свежиот воздух, водата и ветерот кој ми го удри лицето - почувствував моментална среќа.
Езерото беше толку смирено и убаво и јас само седев на земјата и не можев да престанам да се смеам. Верувам дека тоа е моментот на кој ќе се сеќавам на годините што доаѓаат.