Валентина Николовска за Малезија и Борнео: „Се дружев со домородно племе, пливав во река каде живеат крокодили“
Куала Лумпур – од мал невпечатлив град кој за само неколку години прерасна во огромна метропола... Со какви чувства и сцени се соочи по самото стапнување на улиците на Куала Лумпур?
Искрено, ме потсети на Бангкок. Ми се вратија впечатоците од тој град, сообраќај и клима, но сепак Куала Лумпур со својата архитектура, особено Петронас кулите кои ме оставија без здив, и чинам дека не може да бидат споредени со ниту едно друго модерно архитектонско здание.
Народот е крајно љубезен и модерен. Секој град е убав на свој начин.
На сите досегашни патувања се трудам да не правам споредба, каде било „најубаво“ бидејќи такво нешто не постои. Секој континент, држава, град, си има своја убавина, а сите зависат лично од нас и тоа како ги перципираме нештата.
Од посета на центар за орангутани и центар за најмалите мечки во светот, па сè до крстарење по реката Кинабатанган… На кој начин и колку овие доживувања ти помогнаа уште повеќе да го запознаеш светот?
Со секое ново патување, без разлика дали е цивилизација, џунгла или планина јас сум среќна и се чувствувам привилегирана што низ свои очи умеам да ја видам сета убавина низ целиот свет, особено кога станува збор за природата.
Од денешна перспектива како гледаш на патувањето во Борнео кој се наоѓа во Масларскиот Архипелаг?
Ова патување дефинитивно ќе ми остане во сеќавање како едно од омилените. Борнео е приказна за себе, со сета своја природа, култура и архитектура. Видовме речиси од сè по нешто: цивилизација, џунгла, флора, фауна, обичаи и феномени.
Се вратив од Борнео имајќи спознаено многу повеќе околу тој дел од светот, и се разбира, имајќи се спознаено повеќе и себеси.
Кои острови и плажи успеавте да ги посетите во Борнео?
Целото патување беше динамично и авантуристички проектирано. На Јужнокинеското Море имавме можност да ги посетиме Kota Kinabalu Island Hoppin и Manukan.
Сепак, морам да кажам дека уживавме и во водите на реката Леманак, матна, постојана промена на нивото и струи, но сепак уживавме во вистинска смисла на зборот, иако Ибан племето ни кажаа отпосле дека немале видено повеќе од еден месец крокодили.
Имаше можност да се сретнеш и со домородното племе Ибан... Успеа ли да видиш како го живеат нивното секојдневие? Што сакаат, а што им пречи?
Како што претходно кажав, крајно љубезни, несебични, она што ги краси е што на крајот на денот сите се собираат, подготвуваат храна на трпеза и сакаат малку повеќе да пијат од нивното виски од ориз.
Доколку ја испразните чашата, а не сакате повеќе да пиете, едноставно за да не ги навредите го допирате шишето на врвот од страна две секунди што значи дека не сакате повеќе пијалак во чашата.
Љубезноста која ја поседуваат денес, не сум сигурна дали е истата од пред повеќе од еден век, кога биле познати како „head hunters“ (ловци на глави). Како доказ на тоа се и трите човечки глави, како наследство на своите поколенија од нивните предци кои сè уште висеа на плафонот на куќата, каде што бевме сместени. Нивните поколенија ги имаат гените од своите предци.
Запознав и двегодишно дете, кое чуваше жив скакулец од 10cm заврзан на конец и стап, тоа беше неговата играчка со која уживаше во секој момент од денот.
Сите овие денови ги помина со група од 16 луѓе. Каква беше поврзаноста на групата? Кои се предностите на групните патувања?
Групата за Малезија беше составена од луѓе кои зад себе имаа посетено повеќе интересни дестинации низ светот, дел беа од Хрватска, Србија, Босна и ние од Македонија. Мешана група луѓе, љубители на авантуристички и необични патувања, енергијата беше одлична.
Морам да го споменам и нашиот водич Стефан од Србија, кој беше непресушен извор на сите потребни информации околу патувањето, информации поврзани за самите места кои ги посетувавме.
Предноста при вакви патувања е што можеш сам да патуваш и не треба да се договараш со пријатели или другари. Едноставно ако имаш можност, желба и време – тоа е тоа.
На ваков вид патувања храната игра доста голема улога. Кое јадење ти беше највкусно, а кое никогаш не би сакала повторно да го пробаш?
Малезиската кујна е навистина добра, изобилува со морски плодови, необични слатки, солени и лути вкусови. Генерално е здрава и мене ми се допаѓа.
Единствено што веќе последните денови почнав да го избегнувам е оризот, поточно нивното национално јадење „Nasi Lemak“ бидејќи се служи наместо лебот како појадок, ручек и вечера.
На сите патувања се трудам да ја консумирам традиционалната храна што е обележје за таа земја, единствено немам добри впечатоци од патувањето во Индија, затоа што некако тешко ја поднесов нивната традиционална кујна.
Сепак, можеби треба да ѝ дадам повторно шанса од патувањето пред 15 години.