Александра oд Скопје: „Во Виетнам поминување улица е научна фантастика, но затоа има прекрасен народ“
Многупати се водиме според стереотипите кои кружат за една земја, култура, нација… Успеа ли во Виетнам да продреш до некои суштински работи што погрешно се пренесуваат во светот?
Се разбира. Особено невистини што Холивуд ги пласира за нив во светот. Пример, дека се нечисти.
Баш мојот впечаток е сосем спротивен, и по она што го видов досега, туристите се тие што го прават најголемото ѓубре тука. Виетнамците се педантен народ, и си чистат после себе, што јас лично многу почитувам.
Исто дека се агресивни и глупави – напротив! Да беа такви немаше да живеат по 100 години и да бидат витки цел животек век, со лица што светат и изгледаат 20 години помлади од нивната возраст. Многу храбар, смирен и посветен народ се.
Но, и луди возачи со 600% вклучен осет за возење. Инвентивни се и 100% креативни. Едни од најоригиналните рачни изработки што некаде сум ги видела ги прават они. И едни од најголемите духовни учители и мудреци се баш од Виетнам. Во моите очи и срце, има само восхит за овој народ.
Како човек што е постојано во движење како се чувствуваш кога повторно ќе се вратиш во Македонија? Постои ли уште оној поддржувачки момент од блиските и разбирање што на секого му е потребно?
Секогаш се враќам возбудена, заради средбата со моето сакано семејство и луѓето што ми се блиски до срце, но после некое време ми треба промена. Вистински си ја сакам и воздигнувам Македонија каде и да одам, и никогаш не заборавам од каде доаѓаат моите предци и јас, но македонскиот менталитет одбивам да го трпам долго време, нормално за да си го заштитам менталното, емоционалното и физичкото здравје.
Мислам дека можеме како народ многу повеќе од она што си го даваме и дозволуваме. Искрено.
Да се вратам на прашањето. Секако! Поддршка секогаш имало и ќе има од моите, додека кај разбирањето сме малку закочени, во смисла: „Па зашто толку шеташ? Треба да штедиш. Планираш ли да градиш свое семејство? Што така ти текна сеа? Шо ти треба тоа? Не можеш ли да најдеш нешто тука, или бар да си поблиску?“…
Тие што знаат што значи „содржина на живеењето“ би ме разбрале перфектно. Така што, и не се објаснувам многу-многу. Секако, на крај одлуката и изборот се на мене, а денес клучен и исклучителен талент е да умееш да направиш правилен избор за себе, зборуваме од секој можен аспект.
Кои интересни доживувања ти паѓаат први на памет кога ќе се спомене Виетнам?
Многу селфиња – те стопираат на улица за да се сликаат со тебе. Нонстоп. Имав дури и 2 понуди за брак.
Еден ученик ме покани да ме изнесе на вечера, и толку беше упорен што ме чекаше пред училница, за да ме убеди дека треба да прифатам, дупло помал од мене. Секако се откажа откако 2 пати беше одбиен.
Средбата со Горазд – пријател, наше дете што има живеено тука пред неколку години, со кој се сретнавме во Da Nang, за да ми даде ракија и толчена сол шо ми ја испрати татко ми. Тој дојде со неговите за свадбата на брат му со Виетнамка жена. Супер си поминавме.
Со Мун, во Ha Long Bay, решивме ќе го истражуваме градот навечер. Изнајмивме едно моторче, она вози, а јас демек ја водам по мапа.
Кога, јас си се замислив фино-лепо (мислев на убави работи и се занесов во мисли), па нè „однесов“ во една индустриска зона, на крај на градот, со цистерни и камиони, каде беше и крај на патот. Па, ајде враќај се назад, мапата не однесе низ една рурална средина, по една угорница од која едвај живи искачивме со моторчето, престрмно беше што во еден момент помислив дека тука ни е крајот, се превртуваме. Но, имавме среќа излеговме на главниот пат, а на Мун и нозе и раце ѝ се тресеа од страв, и ми вика – готово од авантурата, одиме во хотел.
Па, на враќање назад, ја водам јас по мапата кога, за да биде иронијата уште поголема – ѝ викам да сврти лево, она врти, а пред нас престрмна удолница и ми се врти, ме гледа и вика, ТИ МЕНЕ МЕ ЗЕЗАШ?!?! Но, полесно беше за надоле, и безбедно стигнавме во хотел.
На гробниците во Hue, пробувајќи да направам едно селфи од агол, ми се приближи еден фотограф од Мелбурн, и ми рече дај јас ќе те сликам, па ми дојде како „мачка на погачка“ фотосесијата, местото е извонредно. Си разменивме контакт, и низ комуникација ми понуди да работиме заедно на еден проект зашто многу му се допаднала мојата енергија.
Сè ова, цело искуство со непознатото, е благослов за мене, зашто не знаеш што те чека, интересно е и возбудливо, и е најдобар начин да се спознаеш себеси најдобро што можеш, преку интроспекција, пласирана свесност во моменти каде немаш многу време да мислиш, внатрешно водство, интеракција со луѓе која многу кажува за степенот на комуникација која ја одржуваш пред сè со себе, ширење здрава перспектива за светот и неговата неограниченост и мистериозност, секогаш можност за ширење Љубов.
Просто, една бесконечна авантура…
Време е да го завршиме разговорот. На што сè треба да бидат подготвени луѓето пред да го посетат Виетнам?
На мноооогу мотори и свирежи! Поминувањето улица тука е научна фантастика! Нема правила, т.е. никој не ги почитува, па ни јас.
Мнооогу ориз и нудли, улична храна, многу селфиња со локалците – за што јас си имав подлога уште од Непал, па не ми беше чудно. Треба да бидат подготвени на авантури кои не си способен да ги изрежираш во глава, pick-pocketing, многу ценкање, потоа на почитување на многу традиции и обичаи, необична храна, многу караоке, но и најлоши пејачи што досега мое уво има слушнато.
Влажноста на воздухот и жешкото време знаат да бидат непријатни, но сè се „трпи“ ако си внатрешно среќен. И најслаткото за крај, го имаат нааајдоброто кафе во свет!
Егзотика за сите пари – „кој нејќе нека пукне“!
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело