Зошто незрелите јапонски јаболка ја „собираат“ устата и како да познаете кога може да се јадат?
Јапонските јаболка повеќе наликуваат на домати, отколку на јаболка, но станува збор за овошје што е мошне вкусно и здраво, секако, доколку бидете трпеливи и дочекате да созрее во целост.
Јапонското јаболко е мошне здрав плод, но во суштина сме скептични кога треба да купиме, особено ако сме имале лошо искуство претходно.
Зошто незрелите јапонски јаболка ја собираат устата?
Незрелите јапонски јаболка се полни со танини, кои му даваат киселкаст вкус на овошјето и предизвикуваат контракција на клетките – па затоа по јадењето зелено јапонско јаболко имате чувство како да ви се „собрала“ устата.
Ако пробате само еднаш зелено јапонско јаболко ќе ви стане јасно зошто постојано се повторува дека ова овошје треба да се чека во целост да созрее пред да го јадете.
Како да познаете дали јаболката се зрели?
Бојата на плодот
Главното правило е дека јапонските јаболка треба да имаат еднаква боја насекаде – од светло портокалова до кафеаво-црвена.
Кога е зрело во целост е меко
Освен еднаквата обоеност, зрелиот плод од незрелиот се разликува по тоа што е во целост мек и сочен.
Ѕирнете под дршката
Доколку во близина на кафеавиот дел кај дршката, сè уште забележувате зеленкасти и цврсти делови кај плодот, тоа значи дека сѐ уште не може да се јаде и треба да почекате уште некој ден во целост да созрее.
Дополнително, доколку делот кај дршката во целост е исушен, тоа значи дека овошјето сигурно созреало, а доколку имаат пукнатини на надворешните делови, тоа значи дека плодот е мошне благ.
Како се чуваат за да созреат?
Ако сте купиле зелени јапонски јаболка, најдобро е да ги ставите во хартиена ќеса и да ги оставите така да созреат. Може да ги чувате и на потопло место.
Б. С. Б. | Црнобело