Што научив додека живеев како веган еден месец?
„Што ќе се случи со мене ако ја променам исхраната и станам веган?“ Ова е прашањето кое многумина од нас сигурно некогаш си го поставиле. Потоа следи прашањето „Можам ли јас воопшто да се хранам и да живеам на тој начин?“.
Да, можете и воопшто не тешко. Тежок е само првиот чекор, тој да донесете одлука дека ќе живеете на таков начин.
Читајќи постојано за тоа како сè повеќе луѓе се определуваат за ваков начин на исхрана, решив да се обидам да го следам нивниот пример.
Првата идеја која ми падна на памет беше од колку многу работи ќе треба да се откажам. Месо, риба, јајца, млеко, путер, сирење... Листата изгледаше навистина долга, а тука беа и работите за кои не бев сигурна дека треба да ги консумирам.
На почетокот постојано бев во дилема и поставував многу прашања. Деновите поминуваа и сфатив дека веганството и не е така лошо, воопшто не гладував, како што на почетокот си мислев, се чувствував полна со енергија и што е најважно чувствував како телото воопшто не ми се опира на таквиот начин на исхрана.
Помина еден месец од како започнав да се исхранувам како веган и ова се работите кои ги научив:
Читајте ги етикетите на производите
Со оглед на фактот што требаше да внимавам што содржат производите кои ги внесувам во организмот научив постојано да ги читам етикетите на сите производи и открив дека јајцата, млекото, вештачките засладувачи и животинските масти се појавуваат и онаму каде не очекувате.
Можете ли да претпоставите дека колачите може да бидат направени со маст наместо со масло? Или што значи фразата „може да содржи траги од млеко“? Содржи или не содржи млеко? Јадењето во ресторан исто така станува невозможно, бидејќи во најголемиот број од случаите келнерите не знаат да ви објаснат што се содржат јадењата наведени во менито.
Веганската исхрана не секогаш значи и поскапа исхрана
Иако луѓето најчесто сметаат дека исхранувајќи се како веган ќе трошат многу повеќе пари вистина е сосема спротивна. Секако и како веган треба да внимавате. За кратко време сфатив дека со многу мала сума можам да подготвам прекрасни торти и колачи, кои воопшто не преставуваа товар за мојот желудник. Хамбургер со тофу и шницла од шејтан чинат многу? Сигурно не повеќе од едно пакување пилешки гради.
Ниту слабеете, ниту се здебелувате
Првото нешто што ми го кажаа пријателките кога им соопштив за мојот нов начин на исхрана беше „Ако од тоа ослабеш, веднаш ти се придружувам и јас!“. Но, воопшто не беше така. Да навистина веганската исхрана се заснова главно на овошје и зеленчук (кои важат за производи кои гарантираат топење на килограмите), но тука се и тестенините, оризот, лебот (работите кои се први на листата работи кои треба да се избегнуваат при диети).
Живеењето како вегани не е ограничено само на храната
Иако многумина сметаат дека веганството подразбира апстиненција од одреден вид храна, сепак станува збор за многу поширок концепт. Веганството подразбира и исфрлање од употреба на сите предмети од животинска кожа. И да, можете да најдете еден куп чанти и обувки кои се изработени од еко-кожа, иако да бидам искрена јас не успеав да најдам ниедни кои навистина ме воодушевија.
Луѓето воопшто и не се грижат за производите кои ги користат секојдневно
Најчесто главната грижа ни е да купиме производи и да зготвиме оброк, воопшто не размислувајќи од каде дошле истите и низ што се поминале. Земете ги за пример перниците или јакните со пердуви? Што мислите, сите тие пердуви се добиени со нежно чешлање на гуските и патките? Имајќи ги на ум ваквите факти сигурно повеќето од нас, ако ништо друго би размислиле за веганството, токму заради причината што веганите претпочитаат производи кои помалку нанесуваат болка и страдање на животните.
Некои од луѓето ќе ве гледаат како чудаци, а некои ќе бидат заинтересирани за вашиот избор
Иако не убедив никој да проба да го направи истото што и јас, сфатив дека голем број од луѓето беа заинтересирани и поставуваа прашања за начинот на живот и исхрана, притоа воопшто не покажувајќи знаци на чудење или емпатија за мојот избор. Дури открив дека многумина од нив сосема несвесно се одлучуваат за еколошка храна и сведување на минимум на употребата на месо, риба и јајца. Не живеат како вегани, но сепак внимаваат на исхраната.
Треба да сочувствувам со животните, а не и со природата?
Тие што не можеа да го сфатат мојот начин на исхрана често ме прашуваа „Во ред ако треба да ги почитуваме животните зошто да не почитуваме и дрвјата и да ја исфрлиме од употреба хартијата и целиот мебел направен од дрво?“ или „Зошто возиш автомобил кој толку многу ја загадува атмосферата и воздухот?“. На моменти си помислував можеби и имаат право дури и размислував да се откажам од купувањето книги и да ги читам само на Kindle (тогаш помислив и на ужасните услови во кои работат луѓето кои го направиле мојот Kindle). Потоа гледајќи едно видео за тоа што се е потребно да му се направи на животното за да се изработи една бунда сфатив дека веганството е сосема праведна одлука.
Изборот на веганите сепак е ограничен
Иако општеството полека започнува да го прифаќа веганството, сепак може да се каже дека изборот е многу мал. Наједноставен пример се рестораните. Пред неколку дена не сакав да готвам и решив да вечерам во некој ресторан. Изборот ми беше сведен на два ресторани (не дека јас решив да избирам меѓу нив два, тоа се единствените два ресторани во градот кои имаат веганско мени) од кои едниот беше елитен и екстремно скап, а другиот сосема евтин и неексклузивен. Подоцна дознав дека вториот бил отворен пред само неколку месеци, што значи претходно дури ни ваквиот избор не постоел.
Живеењето како вегани е всушност многу попрактично од што замислувате
Моето прво одење во супермаркет беше прилично долго и напорно, но после извесно време сфатив дека треба само да бидете информирани, паметно да избирате и да внимавате на деталите. Одеднаш супермаркетот стана забавно место каде рецептите се смислуваат, а кујната простор во кој се создаваат и комбинираат нови идеи и вкусови.
Што всушност значи веганството?
Изборот да се биде веган не подразбира само откажување од месо, риба, сирење или јајца затоа што не ни се допаѓаат (барем не на сите). Главната цел зад веганството е идејата дека не е праведно да се искористуваат и убиваат животните единствено со цел задоволување на нашите желби за убава бунда или нов пар чевли. Ова е причината заради која веганството подразбира целосно трансформирање на личноста и вложување волја, храброст и одлучност.
М. С. | Црнобело