Не се навива со празен стомак: Пилешки крилца со пиво и карамелизирана крцкава сланина
Иако Македонија не успеа да се пласира понатаму на светското првенство во ракомет, сепак остануваат уште неколку натпревари во кои ќе ја видиме домашната репрезентација. А таа се љуби и кога победува и кога губи.
Сепак, лошо е по здравјето да се навива на празен стомак и генерално да се гледа каков било спорт со црева коишто кркорат.
Па време е за вкусно мезе кое одлично оди со пиво – пилешки крилца зготвени токму со омилениот пијалак со пена и карамелизирана крцкава сланина.
Се подготвуваат брзо и лесно, а еве што ви е потребно за:
Пилешки крилца со пиво
- 1 kg пилешки крилца
- 1 лажица мед
- 150 ml светло пиво по избор
- Сол и бибер по вкус
- 120 ml соја сос
- Рендана кора од 1 лимон
- Малку маслиново масло
- 3 чешниња ситно сечкан лук
Начин на подготовка:
1. Зачинете ги крилцата, ставете ги во подлабок сад и додадете ги останатите состојки.
2. Добро промешајте и оставете ги крилцата од 30 минути до 1 час на собна температура добро да ја впијат маринадата.
3. Печете во загреана рерна на 180˚С околу 40 минути, додека добро не се заруменат на хартија за печење. Во меѓувреме, може да ги полеете неколку пати со остатокот од маринадата.
Карамелизирана крцкава сланина
- 200 gr сланина
- ¼ лажичка мелен ѓумбир
- ¼ лажичка црн бибер
- ¼ лажичка црвен пипер
- 50 gr кафеав шеќер
Начин на подготовка:
1. Загрејте ја рерната на 180˚С, а решетката од рерната обложете ја со алуминиумска фолија.
2. Помешајте ги сувите состојки во еден сад, а потоа извалкајте го секое парче сланина во смесата.
3. Поставете ги парчињата сланина на решетката за печење, а остатокот од смесата истурете го врз сланината.
4. Печење 15 минути, а потоа превртете ги парчињата и печете ги од другата страна од прилика исто толку долго – или додека сланината не стане карамелизирана.
5. Префрлете ги на чиста хартија за печење, почекајте 5 минути да се оладат и послужете.
(О)Милена | Црнобело