Есенско слатко од кујната на баба: „Сирење“ од дуњи
Кралицата есен ни пристигна, а со неа и сезоната на варената пченка, печените тикви и секако – дуњите. Искористете го ова ароматично есенско овошје и направете си „сирење“, старински десерт од кујната на баба:
Потребни состојки:
- 2,5 kg дуњи
- 500 gr бел шеќер
- 1 лимон
Начин на подготовка:
1. Измијте ги дуњите и исечкајте ги на помали коцкички.
2. Ставете ги во подлабоко тенџере, прелијте ги со вода и варете ги на средна температура од 15-20 минути, односно додека дуњите не омекнат.
3. По варењето процедете ги дуњите и од нив направете пире, но зачувајте ја водата во која се вареа. Во неа додадете го шеќерот и сокот од лимонот и оставете да проврие околу 10 минути.
4. Во течната смеса додадете го пирето од дуњи и на средна температура мешајте сè додека водата целосно не испари и смесата не се згусне.
5. Кога смесата ќе биде готова, во намастен калап по ваша желба (силиконски, метален или пластичен), истурете ја смесата.
6. „Сирењето“ од дуњи оставете го да отстои минимум 2 дена на суво и ладно место. Кога добро ќе се исуши, извадете го од калапот.
7. Коцките може да ги свалкате во мелени ореви, бадеми или крупен шеќер.
8. Складирајте ги во метална кутија обложена со хартија за печење, во која може да ставите и ловоров лист за уште поубав мирис на овој совршен есенски десерт.
(О)Милена | Црнобело