Брз џем од кајсии, кој палачинките го обожаваат
Вкусниот џем од кајсии е кралот на појадоците, посебно ако е намачкан на топла, мека палачинка.
Направете си брз џем во 3 едноставни чекори и уживајте во неговиот вкус со месеци.
Потребни состојки:
- 1,5 kg свежи кајсии
- 1 kg шеќер
- 200ml јаболков сок
- 1 поголем лимон
- Парче путер
Подготовка:
Прв чекор
Исчистете ги кајсиите и измијте ги убаво. Исечкајте ги на парчиња, ставете ги во големо тенџере и додадете го јаболковиот сок. Варете додека смесата не зоврие, намалете ја температурата, па проварете уште 10-тина минути додека кајсиите не омекнат.
Втор чекор
Во смесата додадете ги шеќерот и сокот од еден лимон, па промешајте. Варете на средна температура уште 20-тина минути.
Трет чекор
Тргнете го тенџерето од рингла и отстранете ги нечистотиите од врвот на смесата, доколку ги има. Во жешкиот џем додадете парче путер и добро промешајте. Нека се излади 10-тина минути, па потоа ставете го во топли, стерилизирани тегли. Поклопете и чувајте на темно и ладно место.
Совет плус:
Не сте сигурни дека џемот е готов? Со дрвена лажица ставете мала количина од жешкиот џем на ладна чинија (која претходно сте ја изладиле во замрзнувач). Почекајте точно 1 минута. Ако чинијата можете да ја превртите наопаку без џемот да се растече, рецептот е готов. Во спротивно, продолжете да варите уште неколку минути.
М. Д. | Црнобело