11 брзи рецепти кои секој маж треба да знае да ги подготви
Од појадок во кревет, до вечера за двајца... сакате да ја изненадите вашата понежна половина, но не знаете како?
Готвачите од „24 Kitchen“ се премногу комплицирани за вас? Македонските ТВ емисии не ви даваат доволно добри упатства?
Во продолжение следат неколку рецепти кои се лесни за подготовка и со кои ќе можете да ја „усреќите“ вашата понежна половина, па треба да знаете да ги подготвите:
Скара
9 од 10 научници ќе потврдат дека не мора да дојде 1-ви мај, за да направите скара. Љубителите на месо сакаат да јадат скара дури и кога не се на излет.
За овој „рецепт“ ви се потребни само месо и масло за готвење (и зачини по избор). Поради добрососедските односи во зградата, ќе земеме предвид дека ќе готвите на електрична скара, за да не ви дојдат луѓе со легени на врата.
Начин на подготовка: Зачинете го месото и премачкајте го со масло за готвење, ставете го на електричната скара, и свртете го пред да стане црно. Откако ќе го свртите од сите страни, тргнете го месото во чинија и послужете го со парче леб и кригла пиво.
Пржено месо со пире
Не се секирајте, во скоро секој супермаркет можете да купите готово пире кое се подготвува полесно и од супа. Овој рецепт се подготвува на сличен начин како и тој погоре, само треба да направите и пире.
Начин на подготовка: Во тава (по можност да не е таа омилената на вашата партнерка, за да не ја залепите) ставете масло за готвење и оставете да се стопли.
Ставете го месото, и по некое време превртете го од другата страна. На посебна рингла, подгответе го пирето (следејќи ги сликичките на кесичката).
Јајца на око
Еден од најлесните деликатеси во машката кујна. Потребни ви се јајца (од две до три по особа) и масло за јадење.
Начин на подготовка: Во тавата во која би го правеле претходниот рецепт, ставете масло за јадење, и оставете го да се загрее. Скршете ги јајцата и додадете ги во тавата. Откако белките ќе добијат бела боја, сервирајте ги во чинија.
Кајгана
Бидејќи омлетот е премногу комплициран за подготовка, тука е кајганата. Ова вкусно јадење се подготвува за релативно брзо време, а потребни ви се јајца, масло за готвење и состојки по сопствен избор.
Начин на подготовка: Во тавата опишана погоре ставете масло за јадење и оставете го да се загрее. Во длабока чинија на страна искршете и изматете неколку јајца. Откако ќе се загрее маслото, додадете ги јајцата во тавата, и додајте состојки по сопствен избор (кашкавал, сирење, печурки, маслинки, корнишони и др.).
Откако нема да успеете успешно да ја превртите смесата од другата страна, растурете ја низ тавата и распоредете ја делумно рамномерно. Откако смесата ќе добие темно-жолтеникава боја, сервирајте ја во чинија.
Тост
Исто како сендвич, меѓутоа три пати повкусно. Ова јадење ќе допре до срцето на вашата партнерка (доколку не го изгорите).
Начин на подготовка: Исечете парен број парчиња леб, или купете леб за тост. Намачкајте ги парчињата со путер или маргарин и ставете неколку парчиња тенко исецкани кашкавал, печурки, шунка или било каков сувомеснат производ.
Парчето на кое ја наредивте смесата, поклопете го со друго парче слично по големина и ставете го во тостерот. Со умерен напор притиснете го тостерот за да се испече убаво од двете страни.
Кога ќе видите дека тече кашкавал од тостерот, јадењето е готово.