Ќе излижете прсти - најубавата торта за Велигден, брзо и без печење
Голем аплауз за сите оние кои ги издржавте велигденските пости и огромно браво за упорноста и издржливоста.
Секако, заслуживте да се почестите со нешто убаво и слатко, но и оние кои решиле да не постат треба да си го дозволат ова неверојатно вкусно задоволство од кое ќе побарате најмалку две парчиња.
Потребни состојки:
За тестото:
- 300 gr мелени бисквити
- 200 gr мелени ореви
- 100 gr шеќер во прав
- 100 gr путер
- 200 ml сок од портокал
За филот:
- 1 l млеко
- 3 ќесички пудинг од ванила
- 3 лажици густин
- 200 gr шеќер
- 200 gr путер
- 2 кутии (250 gr) ресана од малини
- 300 gr малини
- За декорацијата може да употребите шлаг, слатка павлака или чоколадна глазура, по желба.
Начин на подготовка:
1. Подгответе го прво пудингот според упатството на ќесичката, со тоа што во смесата од прашок и млеко ќе го додадете и густинот. Откако ќе го направите, оставете го да се олади.
2. Изматете го омекнатиот путер и додавајте го лажица по лажица во млакиот пудинг. За целото време матете со миксерот додека смесата добро не се соедини.
3. Додека пудингот се лади, подгответе го тестото. Сите наведени состојки за тестото ставете ги во подлабок сад и најдобро е со рака да ги мешате и гмечете додека добро не се соединат. Внимавајте сокот од портокал да го додавате постепено, бидејќи може нема да ви бидат потребни сите 200 ml.
4. Во округло тавче или стаклен сад со кружен облик, прво ставете го тестото. Натапкајте го со помош на прстите или со лажица и внимавајте да биде цврсто.
5. Врз „тестото“ ставете сосема малку од филот, помалку од ¼ со цел ресаните убаво да се залепат. Внимавајте чоколадниот дел од ресаните да биде свртен надолу, бидејќи веднаш врз нив доаѓаат малините кои ќе пуштат малку сок и кој совршено ќе се впие во долниот кекс дел од ресаните.
6. Врз ресаните распоредете ги малините, кои може малку да ги зашеќерите по желба доколку сакате тортата да ви биде уште поблага.
7. На крајот го додавате остатокот од филот, но внимателно, лажица по лажица со нежно и рамномерно нанесување со цел да не го измешате со малините и да се добие јасна разлика помеѓу слоевите на тортата.
8. Украсете со шлаг, слатка павлака или чоколадна глазура, како и неколку малини за декорација.
Добро запаметете го распоредот на тортата: тестото, сосема малку фил, ресаните свртени наопаку, малини, останатиот дел од филот и декорацијата.
(О)Милена | Црнобело