Чоколадна лазања - десерт кој ќе ви го задоволи непцето за слатко
Без печење, овој сладок десерт во слоеви направен од колачиња, маскарпоне, чоколаден пудинг и шлаг е врвно гастрономско уживање кои ќе ги задоволи непцата и на најпребирливите.
Ќе го направите за половина час, ќе го изедете за помалку од 10 минути. И сите ќе ви побараат репете.
Направете го уште денес, а ова е сè што ви е потребно:
- 36 сендвич колачиња со крем
- 6 лажици стопен путер
- 235 gr маскарпоне
- ¼ шолја шеќер
- 2 лажици млеко
- 2 пакетчиња чоколаден пудинг подготвен според упатството
- 4 пакетчиња шлаг пена
- Чоколадни топчиња или мрвички
Начин на подготовка:
1. Во блендер (или во проѕирна ќеса со помош на сукало) изгмечете ги добро сендвич-колачињата додека не добиете покрупни трошки.
2. Истурете ги во подлабок сад заедно со стопениот путер и мешајте додека добро не се соединат.
3. Во правоаголно тавче или стаклен сад истурете ја смесата и нежно притиснете за да ја израмните добро.
4. Во подлабок сад ставете го маскарпонето и започнете да го матите рачно или со миксер. Додадете ги двете лажици млеко и шеќерот и добро промешајте.
5. Додадете половина од подготвената (или готовата) шлаг пената во смесата од маскарпоне и измешајте. Потоа нанесете ја врз слојот од здробени колачиња и ставете ја лазањата во фрижидер да се стегне околу 10-тина минути.
6. Подготвениот чоколаден пудинг (според упатството на ќесичката) истурете го врз белиот слој маскарпоне. Повторно вратете ја лазањата во фрижидерот уште 10 минути.
7. На крајот, додадете го остатокот од шлаг пената и посипете чоколадни топчиња, мрвички или покрупно рендано чоколадо.
8. Покријте ја чоколадната лазања со проѕирна фолија и оставете ја добро да се олади околу 4 часа во фрижидерот пред да ја исечете на парчиња.
(О)Милена | Црнобело