Трослоен чоколаден карамел десерт - задоволство за сите сетила
Овој десерт има неверојатно богат и раскошен вкус. Доколку сте љубители на карамел и чоколадо - не смеете да го пропуштите.
Замислете си слоеви мек колач, мус од карамел, чоколаден мус, сос од карамела и уште течно чоколадо.
Вистинско слатко задоволство кое ќе ви ги заскокотка сетилата и одвај ќе се сопрете да не го изедете цел сами.
Потребно ви е:
- Чоколадни колачиња или чоколаден пандишпан кој лесно се рони
За мусот од карамел:
- 227 gr маскарпоне
- 2 лажици шеќер
- 22 меки карамели
- 4 лажички слатка павлака за готвење
- 227 gr шлаг пена
За чоколадниот сос:
- 2 сварени чоколадни пудинзи по упатството (може да додадете и неколку лажици какао или темно чоколадо за поинтензивен вкус)
За чоколадниот мус:
- 227 gr шлаг пена
- ½ шолја чоколаден сос (од приготвениот)
За карамела сос:
- 30 меки карамели
- 2 лажици слатка павлака за готвење
- 4 мали чоколатца со карамел
- Или готов карамел прелив
Начин на подготовка:
Подгответе го мусот од карамел.
Во длабок сад измешајте ги маскарпонето и шеќерот додека добро не се спојат.
Во микробранова или пак на оган со средна температура загрејте ги 22-те меки карамели заедно со 4 лажици слатка павлака. Откако добро ќе се стопат, дозволете да се оладат.
Помешајте го изладениот карамел со првата смеса од маскарпоне додека не стане мазна.
На крајот додадете ја шлаг пената и добро изматете додека не се соединат целосно.
Покријте ја смесата и оставете ја во фрижидер да се олади.
Сварете ги чоколадните пудинзи според упатството и додадете нешто чоколадно како какао или црно чоколадо, за да го појачате вкусот.
Подготвени за чоколадниот мус?
Едноставно помешајте ½ шолја од оладениот чоколаден сос кој веќе го подготвивте со 227 gr шлаг пена. Добро измешајте и оставате во фрижидер да се олади.
Конечно, на ред е карамел сосот.
Стопете 30 меки карамели со 2 лажици павлака за готвење, во микробранова или на оган со средна температура.
Откако добро ќе се стопат и смесата ќе стане мазна, оставете добро да се олади.
Или поедноставно - користете готов карамел прелив.
Спојување на десертот
Во подлабок проѕирен сад, првиот (најдолен) слој треба да биде изронетиот колач. Исечете го на коцки и покријте го дното со него, нежно притискајќи.
Истурете половина од карамел мусот врз колачот.
Потоа додадете го сосот од карамел врз мусот.
Додадете исечкани чоколатца со карамела врз сето ова (по желба).
Внимателно истурете половина од чоколаднот мус врз сечканите чоколатца.
На ред доаѓа чоколадниот сос, веднаш над чоко-мусот.
Повторете ги истите слоеви уште еднаш додека не потрошите сè од состојките.
На крајот декорирајте со остатокот од сечканите чоколатца со карамела или цели карамели.
Важно: Состојките не се строго одредени, па вкусот може да варира. Секоја состојка и секој слој може да го тргнете од употреба или пак да додадете нешто ваше.
(О)Милена | Црнобело