Летната кујна се отвора: 5 вкусни рецепти за на скара
Летото ни се наближува, а деновите веќе стануваат сè потопли и потопли. Тоа значи дека е време да излезете надвор и да уживате на отворено со секоја можност која ви се укажува.
Дури и кога готвите.
Токму затоа, рецептите за на скара се идеални за овој период.
А, ние имаме неколку интересни и сочни предлози за вас:
1. Ражниќ со мента и лук
Потребни состојки:
- 1.5kg свинско месо
- 7 големи чешниња лук
- 7 лажички лимон
- Мал грст листови од нане (мента)
- 1 лажичка сол
- Бибер по желба
- Тенко сечен лимон за декорирање
За сос:
- 200g фета сирење
- 1 лажица сок од лимон
- Бибер по желба
- Ситно сечкан магдонос
Подготовка:
Пресечете го месото на парчиња со средна големина. Ситно исечкајте ги лукот и нането и измешајте ги со сокот од лимон, солта и биберот. Месото оставете го да стои во маринадата околу 30 минути на собна температура.
Додека се маринира месото, подгответе го сосот со мешање на сите состојки во блендер.
Месото наредете го на стапчиња и печете го со повремено вртење и додавање на сокот од маринадата.
2. Пилешки крилца во лут сос
Потребни состојки:
- 1kg пилешки крилца
- 300ml соја сос
- 3 лажички шеќер
- Половина лажичка пипер
Подготовка:
Пресечете ги крилцата од страна. Измешајте го сосот за маринада - шеќерот, пиперот со сојата и оставете го да врие околу 5 минути додека не се растопи шеќерот.
Оставете ја да се олади маринадата, а потоа крилцата ставете ги во неа и оставете ги да стојат најмалку 2 часа. Потоа печете ги на скара додека не добијат речиси изгорена боја. Сервирајте ги со марула.
3. Крап на скара
Потребни состојки:
- 3 чешниња лук
- 1 парче леб
- 2 големи крапа
- Малку анасон
Подготовка:
Измешајте ги и ситно исечкајте ги анасонот, лукот и лебот во блендер додека не добиете хомогена смеса, но да не биде како паста. Додадете сол по желба и пополнете ја рибата со смесата.
Оставете ја истата да отстои околу 20 минути, а потоа печете ја на скара и не заборавајте повремено да ја вртите.
4. Зеленчук и моцарела на скара
Потребни состојки:
- 200g шери домати
- 1 модар патлиџан
- 1 тиквичка
- 1 црвена пиперка
- 1 жолта пиперка
- 6 лажици маслиново масло
- 125g Моцарела
- Лимонов сок по желба
- Бибер по желба
Подготовка:
Прво добро измијте го зеленчукот. Пиперките пресечете ги на 8 парчиња. Модриот патлиџан и тиквичката на потенки кругови. Доматите оставете ги цели.
Зеленчукот напрскајте го со сол, бибер, маслиново масло, а можете да додадете и други зачини по желба.
Наредете ги на скарата и печете додека не добијат златножолта боја.
Наредете го зеленчукот во чинија и на него наросете ја моцарелата.
5. Пилешко на шпански начин
Потребни состојки:
- 1.5kg пилешки гради
- 3 компири
- 2 пиперки
- 1 кромид
- 12 зелени маслинки полнети со пиперки
- 1 конзерва домати
- 1 лажица брашно
- 3 лажички чили
- Сол по желба
Подготовка:
Во голем сад измешајте ги исечканите компири, исечканата пиперка, кромид, маслинки и домати. Додадете го брашното, чили зачинот и солта и оставете целата смеса да стои околу половина час.
Истурете ја смесата во голема алуминиумска фолија заедно со пилешкото и печете на скара околу 20-ина минути додека не омекне компирот, а месото добие униформна боја.
Н. Г. | Црнобело