Брз ручек: Пире со 3 вида сирење
Овој рецепт совршено се надополнува со ладната меланхолична есен, бидејќи е во целосна спротивност на сезоната: топол, богат и раскошно мек вкус, кој припаѓа во колоната наречена „Храна за утеха“.
Класичното пире е надополнето со 3 вида на сирење, правејќи ја текстурата покремава, а вкусот со себе носи празнична атмосфера која ќе ви го стопли срцето.
Намирниците се лесно достапни, а подготовката едноставна. Нашиот омилен тип на рецепти, зарем не?
Потребни состојки:
- 2 kg. компири (по можност планински)
- 4 чешниња лук
- 3 шолји полномасно млеко
- 1 шолја пилешки бујон
- 1 лажичка сол и 1 лажичка бибер (може и помалку или пак повеќе, според вкусот)
- 1 шолја рендано Чедар сирење
- 1 шолја рендано Гриер сирење
- ½ шолја рендан пармезан
- 6 лажици путер
- 1 лажичка жалфија
Како се прави?
Излупете ги компирите и исечкајте ги на мали коцки.
Во големо тенџере ставете ги компирите, исчистениот лук, пилешкиот бујон, млекото, солта и биберот.
Покријте го и оставете го да се вари на висока температура, околу 40-50 минути, или додека компирите целосно не омекнат.
Изгмечете ги компирите со гмечалка или рачен пасатор додека смесата не стане целосно кремава.
Додадете млеко по потреба, затоа што пирето не треба да биде прегусто, но истовремено внимавајте да не стане претечно.
Додадете ги трите вида сирење во смесата и оставете да се готви уште 5 минути или додека не стане целосно кремасто.
Во меѓувреме, стопете го путерот на средна јачина. Додадете ја жалфијата во путерот и оставете да поврие околу 30 секунди.
Истурете го врелиот путер директно врз пирето. Додадете сол и бибер по вкус.
Сервирајте додека е топло и уживајте во богатиот вкус.
(O)Милена | Црнобело