На гости во новото ателје на Моника Коцарева: „Ѕидовите се имитација на мермер, а највпечатливиот детаљ се сводовите“
- Детали
- понеделник, 21 февруари 2022
„Ентериерот во ателјето е изведен од микро цемент. Ѕидот е имитација на мермер, а подот и делот во сводовите и изведен од бетон. Спуштениот плафон со индустриски стил на светла се надоврзува на останатиот стил“, вели дизајнерката Моника Коцарева Ергич за уредувањето на ателјето, кое зрачи со префинетост и елеганција.
Модната дизајнерка Моника Коцарева Ергич деновиве го отвори своето ново модно ателје во Скопје.
Позната по одличниот стил, таа и овојпат блесна со стајлингот, но уште повеќе воодушеви со модерното уредување на ентериерот на ателјето.
Највпечатлив дел се сводовите на ѕидот, кој е имитација на мермер. Просторот зрачи со доза на префинетост и елеганција.
За својот бренд, но и уредувањето на ентериерот на новото ателје, Моника Коцарева вели:
„Ателје Коцарева како бренд постои веќе 7 години. Во овој период со мојот тим многу еволуиравме. Секојдневно работиме како на модернизација и квалитет така и на проширување на брендот.
Нашето седиште и место на производство е во Охрид, а со цел уште од самиот почеток за проширување, решивме во Скопје да го отвориме нашето прво ателје во 2019 година. По 2 години успешно работење овој месец го отворивме ателјето во сопствен простор, кој се наоѓа веднаш до Католичка Црква, на улица Костурски Херои 66.
Ентериерот во ателјето е изведен од микро цемент. Ѕидот е имитација на мермер а подот и делот во сводовите и изведен од бетон.
Спуштениот плафон со индустриски стил на светла се надоврзува на останатиот стил.
На столбот веднаш до бирото се прикачени некои најдраги слики од списанија со наши креации.
Сталажите се комбинација на инокс и железо и се прикачени на таванот со цел полесно одржување на подот.
Вратата на кабината за пресоблекување е стаклена така што се отсликува осветлувањето и визуелно го продлабочува просторот.