Нашиот Даниел најверојатен победник на X Фактор!
Во последната петта емисија од аудициите ги видовме и последните кандидати кои сакаат да го покажат својот Х-фактор и да поминат во следниот круг, односно регрутниот камп.
Овојпат речиси сите кои се појавија на сцената беа повеќе од одлични и тешко беше да им се каже „Не“.
Скоро сите влегоа во следната фаза, но на наша голема радост Македонците се повторно оние кои на свој начин најмногу го воодушевија жирито, а и публиката. Како што се пошегува и Жељко Јоксимовиќ со својот коментар: „Во Македонија сите пеат добро, ако некој испее фалш, доаѓа полиција и му го одзема државјанството.“
Даниел Кајмакоски е оној кој ги освои сите со својот настап. Изведбата на преубавата песна „Red“ ги стана на нозе Емина и Кристина, која беше маѓепсана и го нарече потенцијален победник на овој X-фактор.
Во Македонија уште од минатата недела е најфаворизиран и од многу јавни личности кои го познаваат, го слушнале и несебично му ја изразуваат својата поддршка. Сите кои досега само наслушнуваа за него, сега разбраа кој е Македонецот од Струга кој живее во Виена и специјално се вратил за X-фактор.
Покрај Даниел го видовме и победникот од македонскиот „Идол“, Иван Раденов заедно со неговиот брат кои исто така беа пофалени од жирито.
Лена Заткоска од Мелбурн, Австралија, која е позната по неколку свои настапи на македонски фестивали ја испеа легендарната „I will always love you“ и ги импресионираше сите.
Оној кој нѐ изненади, но сепак помина во следната фаза е Младен Ничиќ од Кавадарци кој настапи со грчка песна од Сакис Рувас, а продолжи со турска песна од Таркан, двете придружени со специфичен сценски настап.
Дали навистина Даниел ќе биде победник или некој од другите кандидати, останува да гледаме во следните епизоди и да навиваме!
Погледнете го настапот на Даниел: