Не ќе постоеше Зоки Поки, ако не постоеше Лидија...
Добро позната реченица која многу години по ред го започнуваше секое детско патешествие во шарениот свет на Зоки Поки.
Се будевме и заспивавме со неговите детски лудории, замислувавме како би било да сме на местото на неговата Лидија и секогаш, ама баш секогаш имаше по некоја случка која очајно посакувавме да ја изведеме во реалноста.
И додека вие се мислите како да си го разубавите денот, Зоки Поки веќе уште од мал знаеше со што може да се купи сиот свет:
Во едната рака Зоки стега два денари, а со другата ја држи Лидија.
- Што сакаш да ти купам, Лиде. Имам многу пари, вели тој. Сè би направил за својата пријателка.
- Сакам панделка, вели Лидија, и црвена, и бела, и жолта, и зелена, и сина, и...
- Нема таква панделка, вели Зоки.
- Има.
- Нема. Јас знам повеќе од тебе.
- Ти ништо не знаеш, вели Лидија, а и не сакаш да ми купиш.
- Посакај друго, вели Зоки, веднаш ќе ти купам!
- Сакам гума. И црвена и жолта и бела и зелена.
- Ех,ех, нема ни таква гума.
- Има.
- Нема. Посакај друго!
- Сакам јајце зелено, и црвено...
- Пак и зелено и црвено и сино? Нема! Друго, друго!
Лидија веќе се лути, но пак вели:
- Сакам зелено, сино, бело, жолто... Тоа сакам.
- Тоа не може да се купи, вели Зоки. Што сакаш ти поправо?
- Сакам сè, вели Лидија. Сè, сè зелено, сино, бело, жолто... И веќе сака да плаче.
- Како сè, сè? Сè што лета, сè што оди, сè што има? Сиот свет?
- Да, вели Лидија, сиот свет зелен, црвен, жолт, син...
Зоки најпосле се досетува.
Одат во еден колонијален дуќан. Зоки ги подава двата денари и вели:
- Чичко, сакам да го купам сиот свет. За Лидија.
- Како? – прашува продавачот.
- Сиот свет жолт, син, зелен, црвен... вели Лидија.
- Ќе плаче ако не ѝ купам, објаснува Зоки.
- Добро, вели продавачот и им завиткува нешто во една хартија. Еве!
Децата излегуваат надвор.
Во хартијата има две шарени бонбони. Лидија ни најмалку не е изненадена. Веднаш го грабнува едното бонбонче и го става в уста. Другото го зема Зоки.
Децата сега шлапкаат со устите, лижејќи ги бонбончињата.
Најпосле Лидија вели:
-Леле, Зоки, ама е сладок сиот свет! Да го изгризам ли?
Барем за миг, се вративте во времето кога 2 шарени бонбони беа вредни колку целиот свет?